Портпаролката на Европската комисија (ЕК), Паула Пињо, денес изјави дека Европската Унија (ЕУ) е задоволна и благодарна што има одлични лидери.
Паула Пињо одговараше на прашање од бриселската веб-страница Политико за интервјуто на американскиот претседател Доналд Трамп во кое тој даде остра оценка за европските лидери, нарекувајќи ги „слаби“.
„Многу сме задоволни и благодарни што имаме одлични лидери, почнувајќи од лидерот, претседателката на Европската комисија фон дер Лајен, на која сме навистина горди, која може да нè води во многу од предизвиците со кои се соочува светот“, рече Паула Пињо.
Портпаролката на ЕК, исто така, ги пофали „многу други лидери на чело на 27-те земји-членки кои се дел од тој европски проект, тој мировен проект, кои ја водат ЕУ со сите предизвици со кои се соочува, од трговијата до војната во соседството“.
„Затоа, дозволете ми да ја искористам оваа можност да го повторам она што го велат многу од милионите граѓани во ЕУ: Ние сме горди на нашите лидери“, додаде Паула Пињо.
Американскиот претседател оцени дека Европејците се слаби и дека Русија е во позиција на сила во војната во Украина.
„Мислам дека тие (Европејците) се слаби, но исто така мислам дека сакаат да бидат политички коректни. Не мислам дека знаат што да прават“, рече Трамп во интервју за Политико емитувано денес.
Американскиот претседател верува дека Русија е во позиција на сила во војната во Украина и ги обвини европските лидери за „неактивност“, а во исто време наведе дека верува дека имиграцијата ја загрозува одржливоста на неколку европски земји.
Американскиот претседател обвини неколку европски влади дека им дозволиле на милиони луѓе да влезат во Европа, осудувајќи ги „катастрофалните“ имиграциски политики кои наводно ги промениле градовите како Париз, Лондон и Стокхолм.
Трамп оцени дека Европа е во опаѓање затоа што ја водат слаби лидери.
Политико потсети дека Европа во последните денови неколку пати била цел на напади од администрацијата на Трамп, додека неодамна објавената Стратегија за национална безбедност на САД оцени дека стариот континент е во цивилизациски опаѓање.












