Портпаролката на Белата куќа: На Трамп не му пречат европските војници на Гренланд

445

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави дека воените активности на европските земји во Гренланд не ги промениле намерите на американскиот претседател Доналд Трамп да го направи арктичкиот остров територија на САД, објави Си-Ен-Ен.

Не мислам дека европските војници влијаат врз донесувањето одлуки на претседателот, ниту врз неговата цел во врска со Гренланд, нагласи Левит.

Таа оцени дека состанокот меѓу потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, и државниот секретар Марко Рубио, со министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд бил „продуктивен“.

Левит рече дека двете делегации се согласиле да формираат работна група за водење технички разговори за стекнување на Гренланд и додаде дека разговорите би можеле да се организираат на секои две до три недели.

Белата куќа јасно стави до знаење дека ставовите на претседателот за стекнувањето на Гренланд се приоритет на националната безбедност.

„Претседателот Трамп сака САД да го добијат Гренланд, бидејќи верува дека тоа е во интерес на нашата национална безбедност“, повтори Левит.

Данска предупреди дека нападот врз Гренланд би значел крај на НАТО, потсетува Си-Ен-Ен, додавајќи дека Германија, Шведска, Франција, Норвешка и Финска потврдиле дека ќе испратат свои војници на островот за да учествуваат во заедничка вежба со Данска.

ИЗДВОЕНИ