петок, јануари 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПОРАЗИТЕЛНИ ПОДАТОЦИ ЗА МИНАТАТА ГОДИНА: На секои три дена насилници сексуално напаѓаат...

ПОРАЗИТЕЛНИ ПОДАТОЦИ ЗА МИНАТАТА ГОДИНА: На секои три дена насилници сексуално напаѓаат деца

Во текот на целата 2025 година, во земјава имало 121 случај на кривични дела против половата слобода и половиот морал, при што 88 деца биле жртви, се наведува во информацијата на МВР до весникот ВЕЧЕР. Психологот Мирјана Јовановска предупредува дека официјални податоци се само оние што станале видливи, тоа се случаите за кои децата и родителите се охрабриле да зборуваат. – Под нив се кријат бројни други случаи, кои и натаму остануваат неоткриени. Значи, имаме многу поголем број случаи во земјава, што е крајно загрижувачки – предупредува Јовановска

20

Силувања, полови напади, задоволувања полови страсти, ширење порнографски материјали… Сето ова е само дел од ужасните работи што сè почесто им се случуваат на мали деца и на малолетници на возраст до 17 години, во нашата земја. Сексуално мотивираните насилства стануваат сè почести кривични дела, кои ги открива полицијата во речиси сите подрачја во земјава. Но, за жал, бројот на случаите не се намалува ни со заострените казнени санкции ,кои вклучуваат и повеќегодишни затворски казни. Јавноста неодамна беше вџашена со случаите откриени во Неготино и во Кавадарци, во кои жртви беа малолетници. Во Неготино, полицијата поднесе пријава против две лица стари 57 и 40 години, кои имале полов однос во присуство на други лица, меѓу кои и 15-годишен малолетник, кој направил и видеозапис што подоцна им бил достапен на повеќе лица. На виделина излезе и сомнежот дека осомничениот 57-годишник во октомври 2025 година вршел други полови дејства со малолетникот, кој тогаш бил на возраст од 14 години, и му давал пари за тоа. Во Кавадарци, пак, Обвинителството поведе постапка против татко од Кавадарци осомничен за други полови дејства кон својата 13-годишна ќерка. Во алкохолизирана состојба, тој го допирал девојчето во повеќе наврати. Во Виница, пак, од лажен профил на социјална мрежа, лицето П. А. испраќало пораки што содржеле експлицитни фотографии и видеоснимки на профил на малолетничка. Тоа лице, по разговорот во полициска станица, го признало делото. Вакви случаи практично се случуваат на неколку дена.

Најзагрозени девојчињата до 13 години

Податоците што ги достави МВР за весникот ВЕЧЕР, како одговор на нашите новинарски прашања, изгледаат мошне загрижувачки. Излегува дека, гледано во просек, лани на секои три дена во земјава имало по еден случај на сексуално насилство врз децата, од најразличен вид.

– Во текот на целата 2025 година, во земјава имало 121 случај на кривични дела против половата слобода и половиот морал. Од тоа, полов напад и силување – 26 кривични дела, силување дете што не наполнило 15 години – 45 кривични дела, обљуба со злоупотреба на положбата – 3 дела, задоволување полови страсти пред дете – 6 дела, полово вознемирување – 34 дела и производство и дистрибуција на детската порнографија – 7 кривични дела – се наведува во информацијата на МВР.

А таквите најразлични кривични дела биле извршени врз вкупно 96 деца, стари до 17 години, кои биле жртви на најразлично сексуално насилство. Најголем дел од жртвите биле девојчиња – 88, додека 8 биле машки деца. Од нив, 47 биле на возраст од 0 до 13 години, а 41 од 14 до 17 години. При ова, најчесто кривично дело било силување дете што не наполнило 15 години и такви жртви биле 48 деца. Има и 8 жртви на полови напади и силување, но и 27 жртви на полово вознемирување.

За жал, податоците од минатите години, исто така, се загрижувачки. На неодамнешниот почеток на кампањата против сексуално насилство врз децата, во ноември лани беше соопштено дека од 2020 до 2024 година во Македонија биле пријавени 508 случаи на сексуално насилство и вознемирување врз деца. Практично, секоја година по околу 127 случаи, како и минатата година.

– Статистиката е болна и тешка, но не смее да остане само бројка. Зад секое дете стои име, семејство и доверба во возрасните. Наша должност е да направиме сè никогаш да не биде повредена таа доверба – изјави тогаш, на почетокот од кампањата, Душан Томшиќ, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Психологот Мирјана Јовановска смета дека бројот е исклучително загрижувачки.

– Официјалните податоци се само оние што станале видливи, тоа се случаите за кои децата и родителите се охрабриле да зборуваат. Под нив се кријат бројни други случаи, кои и натаму остануваат неоткриени. Значи, имаме многу поголем број случаи во земјава, што е крајно загрижувачки. Имам искуство со многу луѓе кои биле сексуално злоупотребувани во детството, а кои и откако созреале, носат трауми од тоа. Таквите трауми се тешки, влијаат врз нив, на тоа дали ќе имаат семејства, како ќе се однесуваат кон сопствените деца. Животот им зависи од справувањето со таа траума, која ги следи цел живот – наведува Јовановска во изјавата за весникот ВЕЧЕР.

Превенција и активирање на регистарот на педофили

Таа додава дека општеството мора многу повеќе да работи на превенцијата против педофилијата.

– Не се работи само за зголемувањето на казните за такви дела. Потребно е да им се објаснува на децата, уште од периодот додека се во градинка, дека не смее никој да ги допира на одреден начин, да им се објасни што е тоа недозволено допирање и слично. Со тоа, кај нив да се добие доверба дека можат да ни кажат што им се случува и прави од други лица. Треба да направиме систем меѓу децата, родителите, полицијата, социјалните работници, кој ќе овозможи да се справуваме со ваквите случаи, при што најмногу ќе се заштитуваат децата. Нема оправдување за педофилите што напаѓаат малолетници. Оправдување не може да биде ниту употребата на алкохолот, на дроги или слично. Тие луѓе покажуваат однесување што не е нормално и треба да бидат сериозно третирани од институциите – потенцира Јовановска.

Од друга страна, веќе подолго време во земјава не се ажурира постојниот регистар на педофили (www.registarnapedofili.mk), на кој треба да се објавуваат имињата, презимињата, псевдонимите, сликите и адресите на сторителите на кривичните дела, осудени со правосилна одлука за кривични дела сексуална злоупотреба на децата. Причината е во тоа што е блокирана работата на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, на која треба да поминат одредени законски промени. Потребно е да се усвои промената со која горната граница за одредени кривични дела врз децата е зголемена од 14 на 15 години. Освен ова, потребни се и други измени во Законот за посебниот регистар. Но, собраниската Комисија, која е блокирана поради случајот со предложениот закон за бранителите, практично е парализирана, бидејќи тешко се закажуваат нејзини седници поради немањето претседател. Поради тоа, досега не се објавени имињата на дури 15-мина осудени педофили во овој регистар за да знае јавноста кои се, каде живеат и слично.

Регистарот на педофили наскоро пак ќе ажурира податоци

Заменик-министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, изјави за весникот ВЕЧЕР дека проблемот со неажурирањето на регистарот на педофили наскоро ќе биде надминат.

– Ние веќе испративме барање до Собранието да се одржи седница на оваа Комисија за да може да поминат предложените измени. Познато е, нејзината работа е блокирана и сега, за секоја седница претседателот на Собранието треба да именува пратеник што ќе претседава со седницата. Откако ќе се случи тоа, ќе се стават измените на дневен ред и потоа на собраниско усвојување. Со тоа ќе се ажурира регистарот на педофили и ќе се прави тоа континуирано – ни рече Велковски. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ