Се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика, затоа каматните стапки остануваат непроменети, констатира Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. Така, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 5,35%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се непроменети и изнесуваат 3,95% и 4%.

– Понудата на благајничките записи на редовната аукција ќе биде исто така непроменета, односно ќе изнесува 10 милијарди денари. Целокупниот сет досегашни мерки е насочен кон одржување на ценовната стабилност на среден рок и кон зачувување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото. Во однос на поставеноста на монетарната политика во еврозоната, ЕЦБ на состанокот во јули донесе одлука за задржување на каматните стапки на тековното ниво – се вели  во извештајот на НБ.

Во услови на стабилен девизен пазар, внимателно се следи движењето на инфлацијата која во јуни 2025 година забрза и изнесува 4,5% што произлегува од порастот на цените на храната и на базичната компонента, пред сѐ под влијание на променливите ценовни движења кај овошјето и кај воздушниот транспорт.

– Годишната стапка на инфлација остварена во вториот квартал од годината е малку над проектираното ниво, што упатува на потребата од натамошна претпазливост – велат од НБ.

Состојбата на девизниот пазар и натаму е стабилна. На крајот на јуни, нивото на девизните резерви изнесува 4,6976 милијарди евра, што е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута.

– Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со јуни упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери коишто се во согласност со очекувањата според априлската проекција, додека трговскиот дефицит остварен во април и мај засега е понизок од проекциите за вториот квартал. Во првиот квартал од 2025 година, тековите во билансот на плаќања се близу до очекувањата – нагласуваат од НБ.

Во првиот квартал од 2025 година, економијата пораснала и изнесува 3,0%, што е слично со остварувањата во претходните два квартала, а податоците за вториот квартал од 2025 година главно упатуваат на забрзување на економскиот раст, поткрепено од поволните движења во градежништвото, индустријата и угостителството.

– Ризиците за растот во наредниот период од надворешното окружување се претежно надолни, што се поврзува со високата непредвидливост во услови на геополитички и трговски тензии. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката со којашто ќе се остваруваат домашните инфраструктурни проекти се едни од најважните фактори што ќе влијаат врз темпото на раст на домашната економија – потенцираат од НБ.

Во јуни депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст, коишто се повисоки од априлските проекции.

– Народната банка е подготвена да ги употреби сите расположливи инструменти и да преземе соодветни мерки за да придонесе кон одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и на ценовната стабилност на среден рок – додаваат од Народната банка.

ИЗДВОЕНИ