Вилијам Стивенсон, поранешниот сопруг на поранешната прва дама на САД Џил Бајден, е обвинет за убиство на својата втора сопруга, која беше пронајдена мртва во нивниот дом во Делавер кон крајот на минатата година, соопшти полицијата денес, објави „Си-би-ес њуз. (CBS News).
Полицијата на округот Њу Касл добила пријава за семејна расправија на адреса во населбата Оук Хил, во близина на градот Елсмер, САД, кон крајот на декември. Тие ја пронашле 64-годишната Линда Стивенсон во несвест во дневната соба и таа била прогласена за мртва кратко потоа. Во тоа време не биле поднесени обвиненија.
Голема порота го обвини Стивенсон во понеделник, по што полицијата го приведе. Бил Стивенсон е обвинет за убиство од прв степен. Тој беше изведен пред суд и вратен во Поправниот дом „Хауард Јанг“ поради неможност за плаќање на кауцијата од 500.000 долари.
Стивенсон е најпознат во јавноста како прв сопруг на Џил Бајден. Тие се запознале во 1969 година на плажа во Њу Џерси и се венчале една година подоцна. Тие се развеле во 1975 година, а десет години подоцна тој се оженил со Линда. Стивенсон е исто така поранешен сопственик на познатиот клуб „Стоун Балон“ во Њуарк, кој бил домаќин на рок-велики како што се Брус Спрингстин и „Е Стрит Бенд“, Џорџ Торогуд и Чип Трик.
Линда Стивенсон беше мајка и баба која неодамна ја основа својата сметководствена фирма, BMB Bookkeeping. Според нејзиниот некролог, таа била навивачка на „Иглс“ и ќе биде запаметена како „упорна, добронамерна и исклучително лојална“. Нејзиниот сопруг не беше споменат во некрологот.












