Поранешниот секретар за финансии на САД, во владата на Бил Клинтон, Лари Самерс, денес објави дека поднесува оставка од функцијата член на одборот на директори на „ОпенвВИ“, а одлуката следува по објавувањето минатата недела на неговите е-пошта со осудениот педофил Џефри Епстин, пишува „Си-ен-би-си“.
Самерс го објави своето пензионирање од сите јавни ангажмани во понеделник, но во тоа време не беше јасно дали тоа ќе ја вклучи и неговата позиција во водечки стартап за вештачка интелигенција.
„Благодарен сум за можноста да служам, возбуден сум за потенцијалот на компанијата и со нетрпение очекувам да го следам нивниот напредок“, рече Самерс во изјава за „Си-ен-би-си“.
Одборот на директори на „ОпенВИ“ изјави дека ја почитува одлуката на Самерс да поднесе оставка. „Ги цениме неговите придонеси и перспективата што ја донесе во Одборот на директори“, се вели во нивното соопштение.
Детали за преписката на Самерс со Епстин станаа јавни минатата недела кога Комитетот за надзор и владини реформи на Претставничкиот дом објави повеќе од 20.000 документи добиени по судска наредба од имотот на Епстин.
По објавувањето, Самерс, кој е и поранешен претседател на Универзитетот Харвард, се најде под силен јавен притисок.
Демократската сенаторка Елизабет Ворен изјави за „Си-ен-ен“ во понеделник дека универзитетот треба да ги прекине сите врски со него. Подоцна истиот ден, Самерс ја објави својата намера да се повлече од јавните должности, но рече дека ќе продолжи да ги исполнува своите предавачки должности на „Харвард“.
„Длабоко се засрамувам од моите постапки и ја признавам болката што ја предизвикаа. Преземам целосна одговорност за мојата погрешна одлука да продолжам да комуницирам со г-дин Епстин“, изјави Самерс за „Си-Ен-Би-Си“ во понеделник.












