Монах станал поранешниот македонски амбасадор во Ватикан, Ѓоко Ѓорѓевски, откако вчера бил извршен чинот на замонашувањето. Чинот, како што наведе Скопска епархија на МПЦ-ОА, бил извршен во православниот храм на МПЦ-ОА „Свети великомаченик Георгиј“ во Криви Дол крај Скопје, од страна на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
-На 27 мај 2025 година, во Навечерието спроти празникот Оддание на Воскресение, а воедно и денот кога Црквата го слави споменот на светите Гаврил Велички и Ахил Преспански, неговото блаженство архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, отслужи Празнична вечерна богослужба во манастирот „Свети великомаченик Георгиј“ – Криви Дол, Скопје – се наведува во веста објавена на епархискиот сајт.
Се додава дека архиепископот Стефан на новиот монах кој е замонашен во чин мала схима, му го дал го монашкото име Георгиј.
Ѓорѓевски, кој има 57 години, беше македонски амбасадор во Ватикан во периодот од 2010 до 2014 година. Од 2004 година тој е ангажиран како професор на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ по предметот Православна теологија. Од 2000 до 2009 година беше и шеф на Кабинет на архиепископот г.г. Стефан.
Автор е на бројни дела, а во изминативе пет години е на чело на Македонско библиско здружение. (Б.Ѓ.)