Поранешниот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис е обвинет и ќе се соочи со судење за наводно промовирање на употреба на дрога, објави денес неговата левичарска политичка партија МеРА25.
Варуфакис, кој беше член на левичарската влада на Сириза за време на финансиската криза во 2015 година и останува популарен меѓу европската левица, треба да се појави на суд на 16 декември, објавува „Политико“ од Брисел.
Обвиненијата се однесуваат на коментарите што ги даде за време на подкаст во кој призна дека пробал дрога на фестивал во Австралија пред 36 години.
Варуфакис призна дека користел марихуана, но и дека имал искуство со екстази на фестивал во Сиднеј во 1989 година. Поранешниот министер рече дека искуството првично било пријатно, но завршило со мигрена што траела една недела и го обесхрабрила повторно да користи дрога.
Тој нагласи дека ја раскажал приказната за да ги истакне ризиците од употреба на дрога, кажувајќи им на слушателите дека „постои цена што треба да се плати“ и дека зависноста значи „крај на слободата“.
Во соопштението, партијата MeRA25 ја обвини грчката влада за „манипулирање“ со грчкото судство за да го таргетира Варуфакис „затоа што тој ја кажува вистината“.
„Иако ставот на грчкиот судски систем во овој случај предизвика многу забава во грчкото општество, оваа приказна е сепак опасна.
Идејата да се суди лидер на партијата затоа што зборувал за своите искуства со супстанции пред многу децении не е случајна, наивна грешка, пренесува „Танјуг“.
Тоа е порака од судски систем кој ги затвора очите пред оние на власт и ги гони оние кои одбиваат да клекнат“, се вели во соопштението на партијата MeRA25.












