Поранешниот директор на ФБИ под истрага: Му се заканувал на Трамп?

32

Секретарката за домашна безбедност на САД, Кристи Ноем, изјави дека Министерството за внатрешна безбедност и Тајната служба ја испитуваат објавата на социјалните медиуми од поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, која, според одредени американски претставници, се толкува како апел за атентат врз американскиот претседател Доналд Трамп.

Коми сподели фотографија на Инстаграм од “формација на школки” на плажа кои ги формираат броевите “8647”.

Оваа објава предизвика брза осуда од администрацијата, републиканските пратеници и сојузниците на Трамп, кои тврдеа дека објавата јасно алудира на Трамп, 47-от претседател на САД.

Според речникот Меријам-Вебстер, терминот “осумдесет и шест” (86) во разговорен говор може да значи “да се ослободиш од” или “да се елиминира”.

Портпаролот на Тајната служба изјави дека агенцијата “внимателно истражува сè што би можело да се протолкува како потенцијална закана кон заштитените лица”.

Заменик-директорот на персоналот во Белата куќа, Тејлор Будович, го обвини Коми дека објавил “порака која недвосмислено може да се сфати како повик за убиство на претседателот”. Синот на американскиот претседател, Доналд Трамп Џуниор, исто така го обвини Коми дека “безгрижно повикува на атентат врз неговиот татко”.

Коми демантираше дека неговата објава претставува закана, тврдејќи дека не бил свесен дека луѓето го поврзуваат конкретниот нумерички распоред со насилство. “Не знаев дека некои луѓе го поврзуваат ова со насилство. Тоа не ми падна на ум кога го видов, но јас сум против насилство во сите околности, па затоа го избришав”, изјави Коми.

Директорот на ФБИ, Кеш Пател, изјави дека Бирото е подготвено да “ја обезбеди сета потребна поддршка” на Тајната служба.

Коми беше директор на ФБИ четири години, сè до неговата смена од страна на Трамп во мај 2017 година. За време на неговиот мандат, ФБИ отвори истрага за наводните врски меѓу членови на кампањата на Трамп и руски субјекти. Трамп го разреши Коми неколку месеци откако истрагата излезе во јавност. Белата куќа како причина за разрешувањето ја наведе наводната погрешна истрага на Коми за користењето на приватниот е-мејл сервер на Хилари Клинтон додека беше државен секретар во 2016 година.

По неговото разрешување, Коми стана остар критичар на Трамп, опишувајќи го како “морално неспособен да биде претседател” и човек “без етика”

ИЗДВОЕНИ