Уставната судијка Елизабета Дуковска која по пресудата на Управниот суд беше повлечена од Уставниот суд денеска до Судскиот Совет поднесе преставка за утврдување на одговорност за сите судии кои учествувале во носењето на таквата пресуда. Станува збор за трите судијки од Управниот суд Есма Алибашиќ Јонус,Тања Терзиева и Елизабета Васкова и тројката од Вишиот Управен суд Виолета Илиевска,Емрије Зубери Алити и Рина Исени. Според наводите во преставката кои ги напишала Дуковска шесте судијки сториле низа повреди на неколку закони бидејќи постапувајќи по тужбата на судијката Антоанета Димовска, не утврдиле дали се исполнети сите процесни претпоставки за водење на управен спор. Дополнително без никаква расправа или известување до мене како странка донеле пресуда од 13 страници напишана во еден ден, стои во преставката на уставната судијка Дуковска која прашува како може да дојде до извршување на пресудата кога во правната поука не и било дадено право на жалба.
Минатата недела Управниот суд донесе пресуда по тужба на судијката Антоанета Димовска која и била против кандидат на Дуковска при изборот за уставен судија. Тужбата во која се оспорувал начинот на избор во Судскиот совет била поднесена пред две години, а се донесе непосредно пред седницата за Законот за јазиците по кој предмет работеше токму Дуковска. Со нејзиното повлекување се одложи и законот на неодредено време.