Поранешната мис и поранешна партиска функционерка, Билјана Јаневска, која во последно време ја препознаваме по хуманитарните ангажмани, деновиве, преку социјалните мрежи, ги повика сите хумани граѓани да помогнат во лекувањето на Јовица Блажевски.

– Започнувам кампања за Јовица Блажевски-Јоце и ги повикувам, односно апелирам до сите хумани луѓе да собереме средства на телефонските броеви за донација: Телеком – 143 163 и A1 –143 461. Ајде, тука сме потребни! – напишаа таа на социјалните мрежи.

Билјана апелира, освен поединци, да се вклучат и хуманитарните платформи за што побрзо се соберат 9.000 евра, колку што се потребни за лекување на Јовица.

– Јовица Блажевски-Јоце има 38 години и боледува од церебрална парализа, повреден во инкубатор. Го започнал лекувањето во Русија, со пресадување матични клетки и има виден напредок во неговите флексибилност и координација и сè уште го вежба балансот, односно сè уште ја вежба рамнотежата.

Третманите на пресадување матични клетки се проследени со физикални вежби, масажи и вежби со роботика, кои видно ја подобруваат неговата состојба.

Од неможноста да јаде сам, да седи и да оди, по неколкугодишни третмани и физикални вежби во клиниката „Неуровита“ во Москва, Русија, успева да оди со одалка неколку метри, со одмор, да јаде и да се облекува, како и да извршува поголем дел од обврските самостојно.

Наредниот третман е закажан за септември 2025 година. Тој ќе трае 12 дена и чини 9.000 евра, а подразбира вбризгување матични клетки, изјави поранешната мис.

Инаку, Билјана е вработена во ЈП Депонија „Дрисла“, како еколог во Одделението за животна средина, управување со отпад и контрола на отпад. Таа е дипломиран инженер по менаџмент за еколошки ресурси и магистер за управување со отпад.

Весникот ВЕЧЕР, како и досега, ги поддржува сите хуманитарни акции и се приклучува кон апелот.

ИЗДВОЕНИ