„38-годишниот Јовица Блажевски боледува од церебрална парализа. Своето лекување го започнал во Русија со пресадување матични клетки и има виден напредок. Во меѓувреме, собрани се сите парични средства за понатамошен третман. Дефинитивно успеавме во оваа мисија. Плачам од радост!“
Весникот ВЕЧЕР, како и порталот vecer.press, секогаш се тука да поддржат хуманитарни акции, а кон кои се приклучуваат и познатите личности. На наше задоволство, хуманитарната мисија која пред неколку месеци ја иницираше поранешната мис на Македонија, Билјана Јаневска за лекување на 38-годишниот Јовица Блажевски во странство, заврши со позитивен епилог. Средствата се собрани, а Јовица се подготвува за патување.
– Да, драги мои луѓе, собрани се сите средства за понатамошен третман на Јовица со матични клетки. Успеавме во оваа мисија. Јас плачам од радост! Поминав низ многу перипетии, трнлив беше патот затоа што тргнав сама да го изодам. Благодарение на сите вас и на упорноста, сè е во ред, голема и најнова радосна вест е дека тие се собрани, пресреќна соопшти Билјана за весникот ВЕЧЕР. Таа на Јовица му посака среќен пат и мирно небо до Русија.
-Да ни се врати жив и здрав, да има успешен третман. Но, ќе ми дозволите да го кажам само уште и ова: Не е важно колкупати е донирано на телефонските броеви кои беа отворени за донација на „Телеком“ и на „А1“, важно е дека се учествуваше и се придонесе да се спаси еден живот. Со ова победи човештвото, победува и хуманоста на нашите граѓани. На еден портал имаше дека мојот апел и мојот повик се тест за човештвото. Е па, тестот е положен а, ние успеавме! Горда сум и благодарна што први го прифативте мојот повик за помош, вели Билјана за весникот ВЕЧЕР и додава: сонив сон како плачам, а денес чекав само нешто убаво да се случи.
-Иако ни на крај памет не ми беше дека Јовица ќе се јави со среќни вести за средствата што се собрани, а што му овозможија тој да замине во Москва. Слава му на Бога! Нека ни се врати жив и здрав! Досега Македонија се докажала мал милиони пати. Нека чујат сите за нас. Да се знае колку сме обединети кога сме најмногу потребни некому, вели Билјана.
На Билјана ова не ѝ е прва ваква акција. Помага многу често, онолку колку што е во нејзини можности. Инаку, 38-годишниот Јовица Блажевски боледува од церебрална парализа. Своето лекување го започнал во Русија, со пресадување матични клетки и досега има виден напредок во неговата флексибилност и координација. Но, сето тоа не е ниту оддалеку задоволително. Сè уште го вежба балансот, сè уште ја вежба рамнотежата. Тука се важните третмани за пресадување матични клетки проследени со физикални вежби, масажи и вежби со роботика, кои како такви, видно ја подобруваат неговата состојба.
Јовица веќе имаше неколкугодишни третмани и физикални вежби во клиниката „Неуровита“ во Москва, Русија, по кои успеваше да оди со одалка неколку метри, со кус одмор. Успева и сам да јаде и да се облекува, како и самостојно да извршува поголем дел од обврските. Се надева дека со новиот третман ќе има уште подобри резултати. (Д.М.)












