По оставката на претседателката на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, Собранието во рок од десет дена треба да започне постапка за избор на нов претседател на ДКСК, предвидува Законот за спречување на корупцијата.
– Во случај на разрешување, односно престанок на функцијата на претседателот, односно членот на Државната комисија пред истекот на мандатот, Собранието на Република Македонија најдоцна во рок од десет дена започнува постапка за избор на нов претседател, односно член на Државната комисија – пишува во Законот.
Оставката следува по големиот притисок во јавноста откако минатата недела Обвинителството за гонење организиран криминал ѝ поднесе обвинение за две кривични дела: одавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“ и за компјутерски фалсификат, затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име го положил тестот за сертификат за државна тајна.
Димитровска не одеше на работа од крајот на април до денеска, а земаше плата, бидејќи обвинителот во случајот „Адитив“ предложи, а Судот издаде мерка забрана да има каков било контакт со предметите и со колегите. Претходно, Собранието не сакаше да се впушти во постапка за разрешување на Димитровска, бидејќи, како што кажа спикерот Африм Гаши, не била правосилно осудена и би се ставила под прашалник легитимноста на одлуката. Сепак, Законот за спречување на корупцијата, во член 14, став 3 предвидел дека може да биде разрешен претседателот ако се утврди дека не ги исполнува условите од членот 11, а токму во тој член, еден од условите, меѓу другото, е да не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност.
Од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши, потврдија дека Димитровска веќе ја поднела до нив оставката од функцијата. Собранието ќе постапи согласно со предвидените процедури.
Во оставката, Димитровска се повикува на чл. 14 став 1 алинеја 1 од Законот за спречување на корупцијата, без друго образложение.
Поранешни антикорупционери јавно зборуваа дека случајот со Димитровска го урива кредибилитетот на Антикорупциската комисија и оти Собранието треба да ја реши целата ситуација. Сличен апел до Парламентот упатија и членови на ДКСК, дека е исклучително важно да функционира Комисијата во полн состав.
Премиерот Христијан Мицкоски ја повика претседателката на морална одгоорност и рече оти ВМРО-ДПМНЕ нема намера да прави естрада од целиот случај.
Првата антикорупционерка во април годинава, преку соопштение, порача дека нема намера да даде оставка и побара да се почитува принципот на презумција на невиност. По предлог на Обвинителството, Судот ѝ ги одзеде пасошите, редовниот и оној дипломатскиот, кој го бараше откако стана претседателка. Од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации за ВЕЧЕР во понеделникот потврдија дека фалсификуваниот сертификат со кој првата антикорупционерка располагала со државните тајни е во постапка на одземање. (П. А.)