Француски суд денес му изрече условна казна од една година на поранешниот советник во Сенатот, Себастијан Г. (50), за фотографирање жени под здолништето, вклучувајќи и некои направени во горниот дом на францускиот парламент, објави „Ле Монд“.
Себастијан Г. беше обвинет откако неговите колеги го открија неговиот хард диск во заедничка просторија на десничарската Републиканска партија во 2023 година, кој содржеше повеќе од 1.800 слики, претежно од сексуална природа.
Судијата претходно за време на судењето изјави дека фотографиите вклучуваат задници и деколтеа на облечени жени, направени на јавни места како што се улицата или Сенатот, како и слики од поранешната девојка на обвинетиот, која тој ја фотографирал во својот дом.












