Поранешен шеф на Google: Вештачката интелигенција ќе им ги земе работните места на сите, дури и на неспособните директори

48

Глобалните технолошки гиганти инсистираат дека вештачката интелигенција ќе донесе „златно доба“ на човештвото, во кое сите болести ќе бидат излечени, луѓето ќе живеат во изобилство, а работниците ќе имаат натчовечки способности. Но, поранешниот извршен директор на Google X, Мо Гавдат, тврди дека оваа технологија всушност ќе уништи многу работни места.

Тој предупреди дека вештачката интелигенција ќе го вовлече глобалното општество во повеќе од една деценија сериозни нарушувања и тешкотии, бидејќи ќе елиминира многу канцелариски занимања, а тоа сценарио би можело да започне веќе во 2027 година, пишува New York Post.

„Глупост е да се тврди дека вештачката интелигенција ќе создава работни места. Наредните 15 години ќе бидат пекол пред да стигнеме до рајот. Ќе опстанат само најдобрите во својата работа, најдобриот софтверски инженер, оној што ја разбира архитектурата, технологијата – ќе остане… но само уште некое време“, изјави Мо Гавдат во понеделникот во поткаст на британскиот претприемач Стивен Бартлет.

Гавдат, кој има 58 години, го наведе како пример својот сопствен стартап „Emma.love“, кој развива вештачка интелигенција насочена кон емоции и меѓучовечки односи. Компанијата, според него, денес ја водат само три лица.

„Порано, ваков стартап ќе имаше 350 програмери. Дури и водителите на поткасти ќе станат непотребни“, вели тој.

Како поранешен главен директор за бизнис во Гугл Икс, кој ја напушти компанијата во 2018 година и стана популарен автор и јавен говорник, Гавдат дава мрачна слика на масовни отпуштања, економска нееднаквост и на социјален хаос како последица од револуцијата на вештачката интелигенција.

За разлика од претходните технолошки револуции кои претежно ги погодија физичките работници, Гавдат тврди дека новиот бран на автоматизација ќе биде насочен кон образованиот кадар и кон средната класа – основата на модерните економии. Тој смета дека масовните отпуштања ќе создадат опасно ниво на економска нееднаквост.

Гавдат вели дека и директорите не треба прерано да се радуваат на зголемената ефикасност, затоа што и нивните работни места се загрозени, предупредува Гавдат.

„Извршните директори слават што можат да отпуштаат луѓе и да ја зголемат продуктивноста и да ги намалат трошоците, бидејќи ВИ може да ја заврши нивната работа. Но, не размислуваат дека и самите ќе бидат заменети од вештачка интелигенција. Општата вештачка интелигенција ќе биде подобра од човекот во сè, вклучително и во водење на компании. Треба да си ја замислиме иднината во која неспособните директори ќе бидат заменети со алгоритми“, објаснува тој.

ИЗДВОЕНИ