Поранешен шеф на ЦИА тврди дека Путин ќе нападне уште една земја – откри и која

888
EPA-EFE/RUSSIAN DEFENCE MINISTRY PRESS SERVICE HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Пензионираниот американски генерал и поранешен шеф на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), Дејвид Петреус, предвиде дека рускиот претседател Владимир Путин ќе изврши напад врз Литванија доколку ја освои Украина.

Петреус тврди дека евентуалниот напад на оваа балтичка држава, која е и членка на НАТО, нема да биде изолиран настан, туку дел од долгорочен план со кој Путин сака да го тестира Западот, пренесува Dailymail.

Петреус, исто така, наведува дека целта на Русија е да го собори украинскиот претседател Володимир Зеленски и да постави марионетски лидер на чело на Украина.

„Откако ќе стави марионета под контрола на цела Украина, има добри шанси Путин да се фокусира на некоја од балтичките земји и често ја споменува Литванија во своите говори“, вели Петреус.

Поранешниот шеф на ЦИА, исто така, ги критикуваше потезите на американскиот претседател Доналд Трамп и посочи дека САД премногу се двоумат за „индивидуалните одлуки“ и премногу му попуштија на Путин, а Украина претрпе големи загуби како резултат на тоа.

Петреус го критикуваше и поранешниот американски претседател Џозеф Бајден, за кого вели дека не ја вооружил Украина доволно добро.

За потсетување, Петреус беше на чело на ЦИА од септември 2011 година до ноември 2012 година, кога поднесе оставка, наведувајќи ја вонбрачната врска со неговата биографка Пола Бродвел, која наводно била откриена од истрагата на ФБИ.

Пред да стане шеф на ЦИА, тој служеше 37 години во американската армија.

ИЗДВОЕНИ