Поранешниот голман на Металург, Дарко Арсиќ е принуден привремено да стави пауза на својата кариера, откако му биле дијагностицирани срцеви проблеми, соопшти Металопластика, каде сезонава ја извршува и капитенската улога.
Како што информира клубот од Шабац, здравствената состојба не била воопшто наивна, поради што Арсиќ итно бил подложен на оперативен зафат, при што му бил вграден стент. Интервенцијата поминала успешно, а голманот е пуштен на домашно лекување и следи период на опоравување под медицински надзор. Од клубот посочуваат дека за неговата иднина на ракометните терени ќе се одлучува дури откако целосно ќе се стабилизира неговата здравствена состојба и ќе ги помине сите неопходни контроли.
Арсиќ има 37 години и зад себе богата интернационална кариера. Во Металург пристигна пред една деценија токму од Металопластика, но во Скопје се задржа само една сезона, по што поради финансискиот колапс на клубот се врати во Шабац. Подоцна кариерата ја продолжи во францускиот Трембле, како и во израелскиот Рамат Хашарон, пред повторно да го облече дресот на матичниот клуб во 2021 година.












