Жак Левегл, поранешен едукатор, кој сега има 79 години, е обвинет за тешко силување и сексуален напад на 89 малолетници во периодот помеѓу 1967 и 2022 година, објавија денеска француските обвинители.
Според обвинителот Етјен Манто, тој ги вршел злосторствата во Германија, Швајцарија, Мароко, Нигер, Алжир, Филипините, Индија, Колумбија и француската прекуокеанска територија Нова Каледонија, каде што работел хонорарно како инструктор по спелеологија и професор по француски јазик. Тој е во притвор по обвинение од 2024 година, а обвинителот го објави случајот денеска со намера да апелира да се јават нови сведоци и жртви.
Бројот на жртвите бил утврден од записи кои тој ги ставил на USB-уред, а се однесуваат на „сексуални односи“ со малолетници на возраст од 13 до 17 години. Тој USB-уред го открил неговиот внук, кој „го испитувал емоционалниот и сексуалниот живот на својот чичко“. Како што рече обвинителот, тоа е документ од „15 тома“.
За време на истрагата, Левегл исто така признал дека во 1970-тите години со перница ја задушил својата мајка, болна од рак во терминална фаза. Истрагата открила дека во 1990-тите истото го направил и со својата 92 годишна тетка „додека спиела“. Во своите мемоари тој запишал дека „убил двајца луѓе“.












