Норвежанец кој работел како обезбедувач во амбасадата на САД во Осло е осуден на три години и седум месеци затвор за шпионажа за Русија и Иран, а пресудата беше објавена денес.
Дваесет и осумгодишникот беше обвинет за обезбедување планови и информации за активностите во амбасадата на САД од март до ноември 2024 година во замена за исплата од 10.000 евра од Русите и 0,17 биткоини од Иранците ,пренесе „Бета“.
Во пресудата издадена синоќа, Окружниот суд во Осло пресуди дека разменетите информации биле „од таква природа што би можеле да се користат за директна акција и физички напади врз поединци“.
Како што е наведено, обвинетиот сфатил дека откривањето на овие информации може да ѝ наштети на безбедноста на САД.
За време на судењето, обвинетиот ги призна обвиненијата, тврдејќи дека го сторил тоа во знак на протест против ставот на Соединетите Американски Држави (САД) кон војната на Израел во Појасот Газа, но го негираше обвинението за отежнато шпионажа за кое беше осуден.
Тој тврдеше дека информациите што ги пренел не се класифицирани.
Одбраната на обвинетиот изјави дека сè уште не одлучила дали да се жали на пресудата, но верува дека судиите премногу широко ја протолкувале нелегалната разузнавачка активност.
Поранешниот обезбедувач „имал приближно исто ниво на пристап како и работник за чистење во Амбасадата“, изјави адвокатката Ингер Задиг.
„Информациите што ги споделил биле безвредни и, поединечно или колективно, не можеле да им наштетат на поединци или на безбедноста на која било држава“, додаде таа.
Во Осло, Србија и Турција, поранешниот обезбедувач им ги обезбедил на руските и/или иранските власти имињата, адресите, телефонските броеви и регистарските таблички на дипломатите и вработените во Амбасадата на САД, како и на нивните сопружници и деца.
Тој, исто така, обезбедил план на зградата на Амбасадата, безбедносни процедури и список на е-пошта што ги користат норвешките разузнавачки агенции.
Обвинителството побарало казна од шест години и четири месеци за овие обвиненија, кои носат максимална казна од 21 година затвор.
Норвешките разузнавачки агенции редовно ги посочуваат Русија, Иран и Кина како главни земји вклучени во шпионажа.