Поради температури под нулата, снег и силни налети на ветер: Портокалова тревога за снег и мраз во Франција

57
Фото: EPA/MOHAMMED BADRA

Француската метеоролошка служба Meteo France стави шест оддели на портокалова временска тревога за снег и мраз  денеска во 6 часот наутро, со најава за снежни врнежи кои би можеле да достигнат од пет до 10 сантиметри и издаде предупредување до возачите поради замрзнатите патишта.

Како што беше најавено, ова е изразен снежен бран кој би можел да предизвика сериозни проблеми во сообраќајот во североисточниот дел на Франција во текот на денешниот ден, објави BFMTV.

Температури под нулата, снег и силни налети на ветер беа причина за прогласување зголемено ниво на тревога.

Според „Метео Франс“, снежниот бран доаѓа од Германија и земјите од Бенелукс, во зоната на влијание на остатоците од претходната бура Горети, а снегот ќе се спушти до надморска височина од 200 до 300 метри надморска височина.

Се очекува висината на снежната покривка да достигне помеѓу седум и 10 сантиметри на надморска височина од 300 до 400 метри, од 10 до 20 сантиметри помеѓу 400 и 500 метри, додека во повисоките планински подрачја локално би можела да достигне до 40 сантиметри.

Возачите се повикани да бидат максимално внимателни, бидејќи се очекуваат значително пониски температури и зголемен ризик од формирање мраз во втората половина од ноќта од сабота до недела.

Франција претходно беше погодена од бурата Горети, која повреди најмалку шест лица и остави повеќе од 380.000 домаќинства без електрична енергија, првенствено во Нормандија.

Бурата Горети, меѓу другото, влијаеше на производството на електрична енергија во француската нуклеарна централа Фламанвил, каде што реакторите 1 и 3 беа исклучени од работа по прекин на високонапонскиот вод, пренесува Танјуг.

ИЗДВОЕНИ