Талибанците, според тврдењата на преживеаните и спасувачите, намерно ги оставиле жените да умрат под урнатините по трите силни земјотреси што го погодија Авганистан за само една недела, пишува Дејли Меил.
Првиот, најсилниот земјотрес, се случил во понеделник кратко по полноќ, на длабочина од само десет километри. Повеќе од 2.200 луѓе загинале, цели села биле срамнети со земја, а многумина завршиле закопани под урнатините. Најпогодени биле најсиромашните и најоддалечените провинции Кунар и Нангархар.
Преживеаните тврдат дека жените биле намерно исклучени од првите спасувачки операции поради строгите религиозни правила што им забрануваат на мажите да ги допираат. Бидејќи на жените не им било дозволено да учествуваат во спасувачките операции, многумина наводно биле оставени да искрварат до смрт или да умрат под урнатините.
„Нè турнаа настрана и им помогнаа на мажите. Останувавме да крвариме. Никој не ни понуди помош“, изјавила една аниномна преживеана за британски Телеграф.
Еден спасувач од селото Девгар тврди дека им било наредено да не разговараат со жените ниту да ги допираат затоа што тоа е забрането, дури ни кога се работи со мртвите.
Новинарите тврдат дека талибанските власти не им дозволиле на жените да учествуваат во спасувањето, освен на неколку што ги испратиле на терен агенциите на ОН.
Спасувачките операции беа дополнително комплицирани од новите земјотреси – со јачина од 5,5 степени во вторник и 5,6 во четврток навечер, по кои следеа два силни последователни потреси во петок.