Денеска и утре, поради празникот Богојавление – Водици во Грција, грчките земјоделци нема да го блокираат граничниот премин Евзони и сообраќајот се очекува да се одвива непречено. Како што јави дописничката на МИА од Атина, ваква пракса беше применета и за време на Божиќ и Нова година, со цел да им се олесни патувањето на граѓаните.
Од друга страна, на граничниот премин Ники (Меџитлија), од денеска од 9 часот ќе биде во прекин сообраќајот за товарни возила, информираат од Автомото сојузот на Македонија.
Протестите на грчките земјоделци започнаа на 30 ноември, а веќе на 1 декември земјоделците од северна Грција со трактори го блокираа граничниот премин Евзони. Оттогаш, секојдневно и по неколку часа беше блокиран сообраќајот од и кон нашата земја за сите возила, со исклучок на деновите пред и по Божиќ, Нова година и сега за Богојавление, како што е пракса и со другите блокади низ цела Грција.
Во неделата, претставници на земјоделците од сите блокади на заеднички состанок донеле одлука за 48-часовна целосна блокада во цела Грција. Според најавите, в четврток и петок ќе биде блокирана националната патна мрежа, споредните патишта, клучните сообраќајници, како и граничните премини.












