Двата најголеми синдикати во Грција најавија 24-часовен генерален штрајк за среда, 1 октомври, поради новиот закон за работни односи на владата, пишува „Катимерини“.
Се очекува штрајкот, кој е поддржан од неколку секторски федерации, да ги наруши локалните самоуправни служби, државните болници, училиштата, градскиот и меѓуградскиот превоз, пристаништата, железницата и воздушниот сообраќај.
Синдикатите на железничките работници, фериботскиот сообраќај и контролорите на воздушниот сообраќај, исто така, ќе штрајкуваат, додека синдикатите на наставниците во јавните и приватните училишта ги повикаа членовите да им се придружат на прекинот на работата.
Таксистите во Атина, исто така, најавија штрајк, барајќи подобри услови за работа, објавува „Срна“.
Синдикатите повикаа на митинг во 11:00 часот на плоштадот Клафтмонос во центарот на Атина, а собири се планирани и во други градови низ земјата.