Два случаи на лепра се потврдени во Романија, а уште две лица кои биле во близок контакт со пациентите се итно хоспитализирани. Локалните медиуми јавуваат дека две медицински сестри, вработени во СПА центар во Клуж, неодамна се разболеле, а сега се хоспитализирани и две лица кои биле во близок контакт со нив.
Властите во петокот потврдија дека работниците кои работат во салонот за масажа се разболеле и дека е издадена наредба уште двајца вработени да дојдат во болницата на тестирање.
„Здравствените власти продолжуваат да ги следат сите лица кои биле во директен контакт со пациентите. Две медицински сестри на кои им беше дијагностицирана лепра минатата недела се уште се хоспитализирани во Инфективната болница во Клуж“, соопштија надлежните.
Како што истакнаа лекарите, третманот на двајцата пациенти е во тек и нивната состојба во моментов е стабилна.
„Тие ќе мора да се лекуваат подолго време и да останат хоспитализирани под медицински надзор“, соопштија властите.
Според романските медиуми, уште две колешки на заразените пристигнале во Инфективната болница во Клуж во саботата, откако биле во контакт со двете сестри. Денес ќе бидат подложени на медицински тестови, а подоцна ќе биде можно точно да се утврди дали и тие се заразени.
„Она што е сигурно е дека немаат симптоми“, велат лекарите.
Медиумите известуваат дека сите четири жени се од Азија и дека работат во истиот СПА центар во Клуж. Двете сестри се заразиле со есенва, додека биле на одмор на Бали, каде што ја посетиле својата мајка, која боледувала од лепра.
Во меѓувреме, епидемиолошката истрага е проширена и ги вклучува клиентите кои неодамна го посетиле салонот за масажа. Властите велат дека ситуацијата се следи секојдневно и дека, во овој момент, ризикот за општата популација е многу низок.
Инаку, по повеќе од 30 години, изолиран случај на лепра е потврден и во Хрватска. Хрватскиот институт за јавно здравје (HZJZ) изјави дека пациент со симптоми се пријавил во епидемиолошката служба во Сплит пред околу десет дена и дека болеста е дијагностицирана навремено.












