EPA/GUILLAUME HORCAJUELO

Скандалот со пенис-портата, како што ja нарекоа британските медиуми, е една од темите на годинашните Зимски олимписки игри. Пред 16 години, на Зимските игри во Ванкувер се случи нешто што британските медиуми го нарекоа „портата на градите“, а во центарот беше поранешната скијачка, а сега коментаторка на Би-би-си, Чеми Алкот.

Скандалот, познат како „пенис-порта“, ги зафати Игрите во Милано и Кортина поради неоснованите тврдења дека машките скијачи инјектирале хијалуронска киселина во гениталиите за да добијат конкурентска предност.

Дури и пред оваа сезона и Олимписките игри скокачите мораа да се подложат на 3Д-скенирање на телото. Во текот на скенирањето, дозволено им е да носат само тесна долна облека, бидејќи се мери висината на меѓуножјето и за да се одреди големината на натпреварувачката облека. Ова осигурува дека облеката има толеранција само од два до четири сантиметри, со дополнителни три сантиметри за висината на меѓуножјето кај мажите.

Целта е да се спречат спортистите да ја менуваат спортската облека за да добијат предност. Научните студии покажуваат дека секое зголемување на површината на тесната облека може да го претвори скокачот во „едрилица“. Колку е поголема површината, толку подалеку летаат.

Студија во списанието „Фронтиерс“ откри дека секои два сантиметри од обемот на облеката го намалуваат отпорот на воздухот за четири проценти и го зголемуваат подигнувањето за пет проценти, што е еквивалентно на дополнителни 5,8 метри од должината на скокот. Хијалуронската киселина инјектирана во машките гениталии може да го зголеми нивниот обем за еден до два сантиметри. Нејзината употреба би им овозможила на скокачите да носат поголема спортска облека и со тоа да ја подобрат својата аеродинамика.

Алкот во аферата „Boob-gate“

Шеснаесет години пред овие настани, Алкот речиси беше исфрлена од Игрите во Ванкувер затоа што нејзините гради беа преголеми. Четирикратната олимпијка откри дека имала своја верзија на „Boob-gate“ на Зимските олимписки игри во 2010 година откако се натпреваруваше со скршени ребра.

Заштитната опрема беше „виновна“ за ова. Во комбинација со нејзиниот градник „вондербра“, таа го привлече вниманието на организаторите. Контроверзијата се закануваше со уништување на нејзиниот настап, но таа, сепак, настапи, само без заштитната опрема, што предизвика бура од реакции.

Скршените ребра беа виновни

Зборувајќи во поткастот „Спортски агенти“, Алкот рече: „Дојдов во Ванкувер да се натпреварувам со скршени ребра. Лекарите на британскиот тим беа загрижени, па ме испратија да ми направат синтетичка плочка за градите. Случајно носев ‘вондербра’ тој ден, па плочката беше направена многу поголема од мојата големина. Кога се обидов да се натпреварувам со неа, ја забранија бидејќи не пропушташе воздух правилно поради аеродинамиката.“

Судиите пресудија дека преголемата заштита не ги исполнува правилата поради протокот на воздух, а Алкот беше принудена да се откаже од неа пред да се натпреварува. И покрај драмата, таа, сепак, се натпреваруваше во Ванкувер, и тоа во сите пет алпски дисциплини на своите трети Олимписки игри по ред. Нејзин најдобар резултат беше 11. место во суперкомбинирано. Таа ја претставуваше Велика Британија на вкупно четири Зимски олимписки игри, во 2002, 2006, 2010 и во 2014 година.

 

ИЗДВОЕНИ