Популарноста на Зеленски на ниско ниво, на избори би го победиле и Залужни и Буданов

81
epa12474760 Ukrainian President Volodymyr Zelensky faces questions from the media as he arrives for the Euro Summit in Brussels, Belgium, 23 October 2025. EU leaders convene in Brussels to discuss the situation Ukraine, European defence, developments in the Middle East, competitiveness, housing and migration. EPA/OLIVIER MATTHYS

Актуелниот претседател Володимир Зеленски и украинскиот амбасадор во Обединетото Кралство и поранешен командант на вооружените сили, Валериј Залужни, би влегле во вториот круг доколку се одржат претседателските избори во Украина во блиска иднина, посочува анкета на јавното мислење спроведена од агенцијата СОЦИС.

Истражувањето е објавено во време кога украинските претставници почнуваат да ја подготвуваат правната рамка за можно одржување избори во текот на воена состојба, откако Зеленски даде наредба за изготвување на потребните законски предлози. Според резултатите, Зеленски би освоил 22 % од гласовите во првиот круг, само малку пред генералот Залужни, кој би добил 21 %. Голем дел од испитаниците – 24 % изјавиле дека сè уште не одлучиле за кого ќе гласаат, што е зголемување во споредба со 21,1 % во октомври.

Ако, хипотетички, во вториот круг влезат Зеленски и Залужни, според анкетата, Залужни би победил убедливо со 64 % од гласовите, додека Зеленски би добил 36 %. Ако Залужни не се кандидира, вториот круг, според резултатите од анкетата, најверојатно би бил помеѓу Зеленски и Кирил Буданов, шефот на воената разузнавачка служба. Во тоа сценарио, Буданов би го победил Зеленски со 56 %, наспроти 44 % од гласовите.

Истражувањето е спроведено на примерок од 2.000 испитаници, со користење стратифициран квотен примерок. Податоците се собрани преку директни интервјуа, со методот на компјутерски потпомогнато лично интервјуирање.

Безбедносните услови остануваат клучна пречка за одржување избори на национално ниво, но тие не се единствениот проблем. Според Обединетите нации, повеќе од шест милиони Украинци ја напуштиле земјата од почетокот на целосната руска инвазија, додека уште 3,7 милиони луѓе се внатрешно раселени, што го отежнува учеството на гласачите.

 

ИЗДВОЕНИ