Четиринаесет лица загинаа кога се урна рудник во источниот венецуелски град Ел Калао, по обилните дождови што го погодија регионот, соопштија локалните власти, пренесе „Бета“.
Рударите загинаа во три различни окна на рудникот „Куатро Есквинас де Каратал“, на околу 850 километри од главниот град, Каракас, соопшти агенцијата за спасување на државата Боливар на својот инстаграм-профил. Операциите за пребарување и спасување почнаа „со испумпување на сите окна во областа за да се намали нивото на водата, а потоа и со процена на напорите за спасување“ на оние што сè уште се заробени во рудникот за злато, се додава во соопштението.
Точниот број на жртви не е официјално потврден, а процената се базира на сведоштвата на други рудари, соопштија пожарникарите.
Ел Калао е град што во голема мера преживува од ископувањето злато и е дом на околу 30.000 жители, од кои повеќето работат во рударската индустрија.
Рударските несреќи се чести во Венецуела поради небезбедните услови за работа во слабо регулираната индустрија, земја богата со бакар, дијаманти и со други скапоцени метали.