Обилните врнежи од дожд предизвикаа поплави и зголемен водостој на реките во повеќе региони, со евакуација на граѓани, интервенции на јавните служби и предупредување за можни нови излевања
Интензивните врнежи предизвикаа сериозни поплави во повеќе региони, при што беа погодени подруми, дворови, земјоделски површини и локални водотеци, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). Во повеќе општини се активирани и кризните штабови, како и јавните претпријатија за санирање на последиците предизвикани од обилните дождови.
Во Охрид и во околината се поплавени подруми и неколку објекти, а локалните водотеци се излеани. Екипите на ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат на терен за отстранување на водата, додека кризниот штаб е во постојана комуникација со општинската администрација.
Во Кичево, дел од граѓаните беа евакуирани и сместени во привремени објекти, со обезбедена храна и здравствена заштита. Полски кревети и ќебиња беа обезбедени од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и поставени во спортската сала „Македонија“.

– Општината и „Црвен крст“ Кичево обезбедуваат сместување, храна и лекови, ЈП „Комуналец“ интервенира на локациите со излеана вода, а екипи на итната медицинска помош ја обезбедуваат здравствената заштита на евакуираните лица – соопштија од ЦУК.
Во Битола, водостојот на локалните реки се зголеми, а поплавени се куќи, дворишта и земјоделско земјиште. Градоначалникот, Тони Коњановски, одржа координативен состанок со јавните претпријатија, кои интервенираат за санација на штетите. Во стрежевската акумулација, во текот на 12 часа, паднаа 42 литри дожд на квадратен метар, што создаде големо количество вода за кратко време.
– Според податоците од мерната станица на хидросистемот „Стрежево“, која се наоѓа на браната, во текот на изминатиот ден, за само 12 часа, паднале 42 литри дожд на квадратен метар, што е енормно големо количество врнежи, кое предизвика водотеците да донесат големо количество вода. Во стрежевската акумулација, во моментов, има 67,2 милиони кубни метри вода, а само во текот на вчерашниот ден се прибрани 3 милиони метри кубни вода. Тоа, како што беше кажано, е големо количество вода за кусо време – велат од Општина Битола.
Според општинските власти, единствен застој во градот бил излевањето на реката „Курделес“, која не можела да го прибере обилното количество вода кај стариот „Прогрес“. Застојот на улиците „Крушевска“ и „Македонска фаланга“, експресно брзо беше саниран и отстранет. Било интервенирано на Велушка Река, кон селото Породин, Новачки пат кај фармите во Логоварди и во Кравари. Во врска со каналскиот систем, Коњановски вели дека во текот на изминатата година, благодарение и на јавните претпријатија на Битола, а особено на АД Водостопанство „Битолско поле“, биле исчистени најголемите собирни канали на територијата на Општина Битола, па и пошироко.
Во Тетово се пријавени уривање на потпорни ѕидови и локални излевања на водотеци, при што се интервенираше на расчистување на свлечишта и санација на штети. Во Гостивар и во околината биле регистрирани поплави на локални патни правци, како и во неколку населени места.
Црна Река, пак, во Пелагонија, предизвика поплави на патните правци Бараково – Вардино и тој е непрооден. Од ЦУК велат дека Црна Река е можно да направи заезерувања на водата, особено во Пелагониската Котлина и битолско-прилепскиот крај.
На истокот од земјата е зголемен водостојот на горниот дел од реката Брегалница, како и во сливот на Крива Река и Пчиња.
Во Преспа, Дојран и Охрид е забележено покачување на нивото на езерата за 1-2 сантиметри.
УХМР, повикувајќи се на податоците од хидролошките станици низ земјава, очекува излевањето на реките да биде најкритично во горниот дел од сливот на реката Вардар, каде што во Полошката Котлина се можни локални излевања и појави на заезерување на водата. Потоа, во сливот на реката Треска, каде што водостојот е значително повисок и се можни локални излевања по течението на реката. Во Охридско-Преспанскиот Регион, каде што е повисок водостојот на реката Ресенска (Голема) и се можни заезерувања на водата и во сливот на реката Сатеска и Коселска, каде што е можно да дојде до излевања.
Според УХМР, локални врнежи ќе има и утре, а на планините и на повисоките места ќе се меша снег со дожд. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми. В недела и в понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 км/ч) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Високи водостои и појава на излевања се најкритични во Полошката Котлина, во сливот на Треска, во Охридско-Преспанскиот Регион.
(А. П.)












