Од Регионалниот центар за управување со кризи соопштија дека дождот и ветерот во Кумановско оштетиле неколку бандери, а предизвикале и искрење на жици. Невремето предизвика поплави и застој во сообраќајот во Велес. Пред тоа да започне, како што споделуваат граѓаните, над градот се појавил спектакуларен суперкелиски облак. Од Територијалната противпожарна единица информираат дека пожарникарите имале повеќе интервенции поради обилните дождови, а најдраматичната од нив се случила околу 19 часот, кога успеале да спасат мајка и дете заглавени во поплавен автомобил кај поранешниот силос на „Жито Вардар“
Невремето проследено со обилен дожд и град на некои места, како и засилен ветер, што ја зафати државата вчеравечер, предизвика проблеми и направи бројни штети. Епилогот се поплавени дуќани, подруми, улици, оштетени се бандери, а имало и паднати дрвја.
Од Регионалниот центар за управување со кризи соопштија дека дождот и ветерот во Кумановско оштетиле неколку бандери, а предизвикале и искрење на жици.
Оттаму информираат дека граѓаните пријавиле оти во Горно Коњаре се спуштила бандера врз стрниште, додека во селата Доброшане, Режановце, Умин Дол имало силни искри и пукање на жици од бандера. Граѓаните забележале и пукање на жици на „Пионерска“, на „Браќа Миладиновци“, а на „Никола Михајлов“ се запалил орман, на „Доне Божинов“, пак, паднала бандера. За сите оштетувања била информирана ЕВН.
Граѓани пријавиле за паднато старо дрво во населбата Средорек, како и на регионалниот пат Куманово – Свети Николе кај село Орашац, за што биле известени јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ и „Македонија пат“.
Невремето предизвика поплави и застој во сообраќајот во Велес. Пред тоа да започне, како што споделуваат граѓаните, над градот се појавил спектакуларен суперкелиски облак. А фотографија од оваа ретка природна појава објави Славчо Поповски.
По оваа појава, градот го погодил силен дожд, кој ги поплавил улиците и предизвикал застој во сообраќајот.
Од Територијалната противпожарна единица информираат дека пожарникарите имале повеќе интервенции поради обилните дождови, а најдраматичната од нив се случила околу 19 часот, кога успеале да спасат мајка и дете заглавени во поплавен автомобил кај поранешниот силос на „Жито Вардар“.
Според информациите, возилото останало заглавено на поплавена улица, а мајката и детето не можеле самите да излезат. Благодарение на брзата интервенција на пожарникарите од ноќната смена, двајцата биле успешно и безбедно извлечени.
По оваа спасувачка акција, пожарникарите веднаш продолжиле со неколку интервенции на извлекување вода од поплавени дуќани и подруми по должината на главната улица „Благој Ѓорев“, локација која секој пообилен дожд ја претвора во критична зона поради нерешената атмосферска канализација.
Како што информираат од ТППЕ Велес, причина за честите поплави во овој дел од градот е високата ридеста конфигурација на Велес, од каде поројната вода од повисоките улици се слева кон главните градски правци, предизвикувајќи поплави и материјална штета.
Невремето вчера поплави и неколку локации низ Скопје. Улиците беа полни со вода, а се излеаја и неколку канали.
Скопјанка сподели видео од состојбата со каналот во Козле од кој водата се излива како водопад, алармирајќи дека овој проблем никако да се реши.
– Малку посилно невреме и каналот во Козле се излева. Досега ниту еден градоначалник не го реши ова. Поплавена улица, нема излез од куќите отспротива, нема нормален проток на сообраќајот. Треба да чекаме да се повлече водата. До кога? Вака е со години – сподели таa.
Од Општина Карпош, пак, одговорноста за одржувањето на атмосферските канали ја префрлија на Град Скопје.
– Во минатото овие канали Градот редовно ги одржуваше, но во последните неколку години, за жал, ситуацијата не е таква. Улицата „Козле“, исто така, е градска улица, во надлежност на Градот, па поради тоа поплаките за решавање на овој проблем, жителите од тој реон треба да ги упатат кон надлежните градски власти – велат општинските власти.
Најновите мерења на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) покажале дека најмногу дожд во текот на изминатите 24 часа наврнал во Крива Паланка – дури 91 литар на квадратен метар, најмалку дожд, пак, е измерен во Претор – само два литра на квадратен метар.
Според УХМР, до 08:00 часот утринава биле измерени и 68 литри во Виница, 46 во Берово, 27 во Прилеп, 16 во Тетово, 14 во Штип, 13 во Скопје – Петровец, 9 во Битола, 7 во Куманово и Крушево, и 5 литри во Демир Капија.
Од УХМР напоменуваат дека поради локалноста на процесите, количеството паднат воден талог може значително да варира од едно до друго место, и на одредени локации може да биде многу поголемо од она што е измерено на официјалните станици.
Инаку, времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне, претежно во северните делови ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне, во делови од котлината ќе има услови за краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец.
В четврток ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, наместа засилен ветер од северен правец долж Повардарието. Минималната температура ќе се движи од 12 до 21 Целзиусов степен, додека максималната од 28 до 36 Целзиусов степен. В петок, исто така ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се движи од 11 до 20 Целзиусови степени, додека максималната од 30 до 38 Целзиусови степени.
(А.П.)