Поплавата во Бугарија однесе сеф со пари и златни прачки во море – Ловците на богатство тргнаа во акција, полицијата ги спречи

65

По апокалиптичната поплава во Бугарија што се случи минатата недела, на една од плажите во приморскиот град Царево се појавија банкноти, чие потекло не е утврдено.

– Се тврди дека бранот од поплавата однел метален сеф од локацијата на локалната компанија за тешка механизација „Авто Јани“, во кој имало документи за камиони, багери и евентуално пари. Немам информации за тоа што е регистрирано во полиција како штета и дали воопшто е регистрирано. Нема начин со сигурност да се знае дали се банкнотите од сефот на оваа компанија – рече градоначалникот на Царево, Марин Киров, за БТА.

Во морето сега пребаруваат нуркачи, кои, како што вели Киров, ги видел додека бил со екипите што спроведуваат превентивни активности за претстојното лошо време. Во меѓувреме, во јавноста се прошири информацијата дека нуркачите бараат исчезнат сеф со 2.000.000 лева и златни прачки, што, според бугарските медиуми, предизвикало невидена „златна треска“ на јужниот брег од Црното Море.

Властите презедоа строги мерки за ограничување на пристапот до плажите, претворајќи ги во забранета зона за стотици авантуристи, кои доаѓаат со надеж дека брзо и лесно ќе се збогатат, наведува БТА. На сите влезови во Царево се поставени контролни пунктови, а полициските патроли темелно го проверуваат секој автомобил и не дозволуваат да влезе во градот некој што нема валидна причина за посета. Целта е да се запрат ловците на богатство, кои ја „зазедоа“ плажата во потрага по сефот и по златото.

Во обемната операција е вклучена тешка механизација, вклучувајќи багер, кој пребарува тони песок и тиња, како и тим професионални нуркачи, кои го истражуваат морското дно во близина на брегот.

ИЗДВОЕНИ