Незаконски било вградувањето на категориите „резидентно“ и „нерезидентно“ население во методологијата според која во 2021 година бил спроведен пописот на населението, но пописните резултати ќе останат така поделени. Ваква одлука денеска донел Уставниот суд откако ја прифатил иницијативата поведена од Скендер Реџепи, пратеник од опозициската коалиција „Европски фронт“. Судиите утврдиле дека со внесувањето на таквите категории бил прекршен Законот за попис на населението.
– Тогашниот директор на државниот Завод за статистика немал законско право да ги внесе таквите категории во методологијата. Категориите „вкупно резидентно население“ и „вкупно нерезидентно население“ не се предвидени со член 6 став 1 алинеја 1 од овој Закон. Со методологијата треба да се дефинираат единиците што ќе се попишуваат и белезите за кои ќе се прибираат податоците, а не да се прави нивна категоризација. Државниот завод за статистика, како надлежен орган за водење пописна политика, наместо да ги спроведува актите на Собранието, како носител на законодавната власт, си зема за право да постапува спротивно на законското овластување и предвидува категории што не се предвидени во Законот, а самиот директор се става во улога на создавач на норма, односно законодавец, спротивно на член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот – објаснија денеска во Уставниот суд.
Познато е, врз основа на така дефинираната методологија, тогашниот директор, Апостол Симовски, по попишувањето соопшти дека во Македонија има 1.836.713 лица како „резидентно население“, од кои 58,44 отсто се Македонци, 24,30 проценти се Албанци, 3,86 отсто Турци… Според него, како „нерезидентно население“, односно како наши граѓани што се повеќе од 12 месеци во странство, биле попишани 260.606 лица, од кои 24,45 отсто се изјасниле како Македонци, 66,36 проценти како Албанци, 4,79 отсто како Турци… Односно вкупното попишано резидентно и нерезидентно население изнесува 2.097.319 лица, меѓу кои 54,21 отсто се изјасниле како Македонци, 29,52 проценти како Албанци, 3,98 отсто како Турци, 2,34 проценти како Роми, 1,18 отсто како Срби, 0,87 отсто како Бошњаци и 0,44 проценти како Власи. Одлуката на уставните судии отвори дилема дали единствен пописен резултат ќе биде оној за вкупно попишаното население од 2.097.319 лица, меѓу кои 54,21 отсто се изјасниле како Македонци, а 29,52 проценти како Албанци.
Иницијаторот Скендер Реџепи ни изјави дека очекува да бидат споени бројките добиени со пребројувањето на резидентно и на нерезидентно население.
– Тоа беше и суштината на целта на мојата иницијатива. Ако сте утврдиле дека методологијата била незаконска, зошто тогаш и натаму да останат резултатите што сте ги добиле на незаконски начин? Треба да се утврдат нови проценти во пописните резултати, бидејќи од тоа зависи и спроведувањето на соодветната и правична застапеност, зависи бројот на избирачите во одредени општини, бројот на советниците во општинските совети… Ќе почекам да го видам образложението за подетално да реагирам – ни рече Реџепи.
Од Уставниот суд, меѓутоа, изјавуваат дека нема да се менуваат пописните резултати.
– Одлуката е укинувачка и тоа значи дека не може веќе да се спроведе некој следен попис на населението со таква методологија. Резултатите добиени на последниот попис остануваат како што се утврдени и не може да има поинаква интерпретација на добиените бројки. Од Собранието натаму ќе зависи како ќе се уреди во иднина попишувањето на граѓаните во нашата земја и во странство – ни изјави Христина Беловска, портпаролка на Уставниот суд. (Б. Ѓ.)