Поп-ѕвездата Тони Цетински има нова песна – „Пиши пропало“ за децата на разведени родители

24

Tие недолжни страдаат поради разделбата на своите родители. Љубовта кон децата секогаш мора да постои, без разлика на тоа што мама и тато веќе не живеат под ист покрив и не ги делат истиот кревет, истиот шпорет, истата бања

Хрватската поп-ѕвезда, Тони Цетински, има најнова песна со мошне контроверзен наслов – „Пиши пропало“. А Тони како пејач обожаван од публиката и во Македонија, а најмногу од жените, никогаш не може да пропадне. Тоа го покажува практиката со хитовските ноти на неговите песни. Така е и овој пат. Ова е емотивна балада што уште на прво слушање допира до срцата на сите од 7 до 77.  Кај нас, во Македонија, го паметиме Тони и по мегахитот „Лагала нас мала“, кој го испеа во дует со ангелот Тоше. Музиката и текстот на новата песна се дело на композиторот Анте Пецотиќ, а песната претставува интимна и длабоко лична приказна што ја пренесува Цетински со особена искреност и интерпретативна моќ.

Признавам дека имав тешка задача во оваа песна, бидејќи не само што напиша Анте нешто многу искрено, интимно и силно, кое воопшто не е лесно за изразување, туку и јас самиот поминав низ тоа. Благодарам за довербата, бидејќи не секој има храброст да сподели вакви интимни емоции пред маса луѓе – открива Цетински.                          Да откријам дека песната, всушност, им е посветена на децата на разведени родители. Тие честопати остануваат незабележани во болката што ја носи разводот со себе. А денес, во ова налудничаво време, кога сите трчаме по пари, а не по љубов, разводите стануваат неизбежни и, би кажал, вообичаени.

Многу луѓе, можат да се идентификуваат со она што го прераскажувам низ стиховите на „Пиши пропало“. Се согласив да им ја посветам оваа песна на тие дечиња што недолжни страдаат поради разделбата на своите родители. Љубовта кон децата секогаш мора да постои, без разлика на тоа што мама и тато веќе не живеат под ист покрив и не ги делат истиот кревет, истиот шпорет, истата бања – објаснува тажниот Тони. Преку музиката, пејачот умее да испрати силна и општествено важна порака. „Пиши пропало“ не е само уште една вообичаена песна во неговиот богат репертоар туку и сведоштво за животот, болката и надежта, но и за големата грижа на Тони за тие несреќни деца. За тие што не знаат, Тони од поодамна е дедо, има и внуци од синот Кристијан, кој живее во Берлин со една Германка, медицинска сестра.

(Д. М.) фото:архива

ИЗДВОЕНИ