Поп-ѕвездата Јелена Розга за “Вечер“: Морници ме лазат од помислата дека ќе пеам во Охрид на Антички театар!

770

„Многу ми недостасува Есма Реџепова. За утеха, останува нашата заедничка песна ’Дани су без броја’. Додека снимавме, таа ме опушти, ме разгали. Признавам дека имав трема бидејќи бев млада, неискусна, а пеев песна со една таква голема пејачка ѕвезда. Постојано ја гушкав, ми беше толку многу мила, но и таа знаеше да ми ја возврати љубовта“, вели искрено Розга, за весникот ВЕЧЕР

Блескаше во долг бел летен фустан пред нас, новинарите, со постојано широка насмевка. Сплитската поп-пејачка Јелена Розга, една од најпопуларните на Балканот, дојде во нашето Скопје за да го најави својот голем солистички концерт со гудачки оркестар, за ова лето на 29 јули во Охрид, на Античкиот театар. Средбата со убавата Јеле, како што ѝ е прекарот, ја искористивме за интересен муабет.  Кај Розга нема да ја забележите препотентноста, ниту вообразеноста. Потполно е природна, едноставна, приземна и достапна. Дури и срамежливо да ја штипнете по образите поради тоа што е толку мила, Јелена нема да ви се налути. Секоја друга веројатно заради такво нешто би ве искарала. Розга, не! Само слатко ќе се (из)насмее.

Зрачиш со многу позитивна енергија, весела си, секој што те гледа отстрана би кажал дека си личност која нема проблеми, а гарантираме дека не е глума, туку како ти успева тоа?

-Благодарам што мислиш така за мене, со мала исправка дека и јас имам свои проблеми. Пред сè, некои здравствени со тироидната жлезда. За среќа, не се умира, туку тие здравствени проблеми ги држам под контрола. Бев да ја тестирам крвта, но резултатите никогаш не ми биле полоши. Не сум најдобра, а давам сè од себе да бидам. Тоа најмногу ми влијае на расположението. Сепак, јас сум постојано весела личност, никогаш не давам да ме окупираат негативните чувства. Никој не сака да ме гледа намуртена. Лошите моменти остануваат меѓу четирите ѕида. Публиката доаѓа на концерти за да се весели, да пееме заедно, да се смееме и да танцуваме, па кој е луд да ја гледа, евентуално намуртената Розга.

Имаш необично презиме Розга, несекојдневно и ретко

-Да бидам искрена, како малечка воопшто не го сакав тоа презиме. Ми пречеше во основно училиште. Сите ме задеваа и ме прашуваа што е тоа Розга? Ни самата не знаев. Нагалено ме ословуваа со Розгица. И тоа ме нервираше. Сè така до некојси мој пубертет. А, кога станав позната пејачка, ситуацијата сосема се смени. Сега моето презиме не би го менувала за ништо на светот.

Медиумите подолго време пишуваат за твојата љубовна врска со 11 години помладиот Иван Хуљиќ, синот на познатиот Тончи Хуљиќ, шефот на поп-групата „Магазин“, па откриј ни некои детали

-Хахахахааа… бараш детали. Па, ете тоа дека на мојот концерт во Охрид во публиката ќе биде и Иван. И тоа дека на него ќе му ја посветам песната „Разгалена“ („Размажена“).

Ти навистина си таква, разгалена?

-А, која девојка или жена не е разгалена, особено ако покрај себе има маж или момче кое ѝ ги исполнува сите желби. Тогаш автоматски станувате разгалена, хахахахааааа….мојот Иван тоа најдобро го знае!

Колку ја следиш модата, бидејќи секогаш си атрактивна и на сцената, но и кога си во некое вакво опуштено издание во муабетите со новинарите?

-Модата ја сакам, но не им робувам на актуелните модни трендови. Тие брзо ме заситуваат. Од сè, најважна ми е удобноста. Да ми е добро во тоа што ќе го облечам, тоа е клучно за мене. Да се чувствувам подвижно, затоа што на сцената многу се движам. Ништо од крпчињата не смее да ме стега. Сакам да уживам во песните додека ги пеам. Публиката го препознава тоа и затоа се тие нивни фантастични реакции. Секоја од песните а, ги има многу („Гинем“, „Нирвана“, „Бижутерија“, „Минут срца твог“, „Ко минус и плус“, „Лавица“, „Дани су без броја“, „Опијум“, „Циркус“, „Ко ме зове“, „Ја знам добро што ми је“, „Дај што даш“…)  е приказна за себе. Тие прекрасни текстови ги пишува Вјекослава Хуљиќ, сопругата на композиторот Тончи. Јас секогаш се прашувам од каде ѝ доаѓа таа непресушна инспирација?

Песната „Дани су без броја“ ја имаш испеано во дует со нашата славна Есма Реџепова, какви впечатоци носиш од соработката со Есма?

-Искрено, само најдобри впечатоци. Јас тогаш бев многу млада, неискусна на естрадата, а мама Есма вистинска лавица. Таа ме опушти, ме разгали, ми кажуваше охрабрувачки зборови. Признавам дека имав трема, бидејќи пеев песна со една таква голема пејачка ѕвезда. Постојано ја гушкав, ми беше толку многу мила, но и таа не се штедеше, знаеше да ми ја возврати љубовта. Многу сум тажна што веќе физички ја немаме. Недостасува. Остана таа една наша заедничка песна која сега голем број пејачки ја пеат на своите концерти, што е секако успех и за мене, но и за самата легендарна Есма и за нејзините најблиски.

Претпоставувам дека го сакаш Охрид, мислам дека ти остава впечаток како да е некој град на море, на Јадран, од каде што ти потекнуваш

Премногу сум и возбудена и нестрплива да дојдам во Охрид. За мене е како „мал Дубровник“. Тие тесни малечки улички, тие кафулиња, тие ресторанчиња со жива нежна музика, тие етнокуќи, тие плажи, таа природа како во некоја фантазија, целиот тој шмек остава навистина впечаток на некој убав морски град. Не ми е првпат да бидам во Охрид, но секојпат ме лазат морници од самата помисла на него а, сега и поради сцената на Античкиот театар. Кога го видов театарот, веднаш на моите соработници и менаџерите им кажав: „Е, тоа е тоа што го посакувам. Концерт во еден таков простор“. Желбата најпосле ќе ми се исполни,  а јас знам дека ќе бидам бесконечно среќна, заедно со мојата многубројна македонска публика!

Дуле Миќиќ

 

 

ИЗДВОЕНИ