За поп-пејачот Александар Тарабунов (синот на фолк-легендата Ванчо Тарабунов) одамна немаме нешто слушнато што се однесува на неговите музички активности. Освен оние кои беа поврзани со патриотскиот проект „Македонијо, во срце те носиме“, во кој Тарабунов имаше активно учество заедно со организаторот пејачката Бојана Скендеровски.
Но тогаш кога најмалку се надеваме, се случуваат по некое непишано правило интересни работи. Па, така Тарабунов има нова песна за која самиот вели дека оваа песна „Заедно“ не бара само да се слуша поради слушањето, туку исклучиво бара да се чувствува. -За сите што некогаш биле „разделени“, но знаат дека вистинската љубов пак ќе ги спои и секогаш ќе победи. Без разлика на годините или километрите. Песната е за сите оние што веруваат во тоа ‘Заедно’, искрено вели популарниот Тара, кој и понатаму најмногу ги освојува срцата на женскиот дел на публиката.
Музиката, текстот и аранжманот, како и продукцијата и режијата, се на самиот Александар Тарабунов, а спотот го изработи Владислав Гавриловски.
Мошне интересно е што во спотот Тарабунов се појавува со имиџот на легендарниот Елвис Присли, оставајќи ги речиси сите без здив. Со него, бендот свири во живо, а самиот бекстејџ е направен во ретро. Со што се остава впечаток на едно друго, многу одамна поминато музичко време, од 50-тите години на минатиот век. (Д.М.)