Поп ги осветуваше новите полициски возила: МВР отвори истрага – кој го организирал овој чин?

112

Фотографиите на социјалните мрежи на кои се гледа поп како извршува верски обреди во дворот на МВР во присуство на полициски службеници, предизвика голем број реакции во јавноста.

По реакциите на социјалните мрежи, реагираше и заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени, кој појасни дека оваа постапка е извршена од страна на неколку полициски службеници во соработка со еден свештеник и дека тоа не го одразува институционалниот став на МВР.

Според Исени, осветувањето на возилата и официјалните објекти во рамките на МВР не претставува чин на приватна вера, туку кршење на секуларната држава и законот. Според него, сите одговорни ќе бидат повикани на одговорност според законот.

-Уставот на Република Северна Македонија (член 19) јасно ја определува разделбата на верата од државата. Законот за полиција бара целосна и безусловна неутралност. МВР е државна институција која треба да им служи на сите граѓани без разлика на верата. Просториите и службените средства не се сопственост на ниту една верска заедница и не смеат да се користат за ритуали или верски активности. Полицијата е во служба на сите граѓани и не може да постапува по двојни стандарди. Институцијата МВР има јасни правилници и, во согласност со нив, сите кои: ја организирале или дозволиле оваа постапка, не ја спречиле, дозволиле влез на верско лице во објектите на МВР за извршување верски активности, ќе бидат повикани на одговорност, изјави заменик министерот за внатрешни работи, Астрит Исени.

Од Министерството за внатрешни работи известуваат дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема мерки и активности за целосно утврдување на околностите поврзани со фотографиите.

-Министерството за внатрешни работи ве информира дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР презема мерки и активности за целосно утврдување на околностите, по што јавноста ќе биде соодветно информирана, велат од МВР.

Инаку, овој чин бил извршен на дел од 120-те нови службени возила на МВР, промовирани на крајот на минатиот месец.

ИЗДВОЕНИ