Од почетокот на 2026 година, на домашниот пазар се емитирани државни обврзници во вкупна вредност од 10,27 милијарди денари (околу 168,4 милиони евра), со фиксни каматни стапки од 2 до 5,10 %. Новите емисии нудат стабилно и предвидливо вложување за инвеститорите, со различни рокови на достасување, и ја зајакнуваат улогата на Берзата како платформа за финансирање на јавниот сектор
Министерството за финансии ја зајакна понудата на државни обврзници, обезбедувајќи нови можности за инвеститорите на домашниот пазар на капитал.
Од почетокот на годинава се примени повеќе емисии со различни рокови и каматни стапки, обезбедувајќи стабилност и долгорочно вложување.
На 5 февруари 2026 година, на официјалниот пазар на Македонската берза беа примени двегодишни државни обврзници во вкупна вредност од 6,1 милијарда денари, со фиксна каматна стапка од 4,20 % и датум на достасување 2 јануари 2028 година. Тие се тргуваат под шифрата M020128 и ИСИН код MKMINF20GCS8, со номинална вредност од 10.000 денари за обврзница.
Претходно, на 30 јануари 2026 година, беа примени две други емисии државни обврзници: првата во вредност од 940,45 милиони денари со камата од 4,35 %, а втората со 3,23 милијарди денари и камата од 5,10 %. Двете нудат можности за среднорочно и за долгорочно вложување, со шифри на тргување М220131 и М220141 и ИСИН кодови MKMINF20GCT6 и MKMINF20GCU4.
Веднаш по Божиќ, на 8 јануари 2026 година, Одборот на директори на Берзата донесе одлука за котација на дваесет и четвртата емисија на државни обврзници за денационализација, со прв датум на тргување 9 јануари 2026 година. Емисијата изнесува 1,5 милиони евра, со номинална вредност од 1 евро и каматна стапка од 2 % годишно. Главнината и каматата ќе се исплаќаат еднаш годишно, секој 1 јуни, во период од 10 години, а рокот на достасување е 1 јуни 2035 година. Тие се тргуваат под шифрата RMDEN24 и ИСИН код MKMINF200DO9.
Со овие нови емисии, домашниот пазар на капитал добива стабилни и транспарентни инвестиции, а Берзата ја зајакнува улогата како платформа за финансирање на јавниот сектор. Министерството потенцира дека државните обврзници се без девизна клаузула, што обезбедува сигурност за домашните вложувачи.
(С. Бл.)












