Пониски тарифи за плаќање во евра, за 500 евра граѓаните ќе плаќаат 260, наместо 1.600 денари

35

Од денес, граѓаните и компаниите ќе можат да го извршуваат плаќањето во евра со земјите од Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) побрзо и поевтино, соопшти Народната банка.

– Историскиот чекор што се направи кога Европскиот совет за плаќање го прифати барањето на нашата земја за приклучување кон СЕПА, им овозможи на домашните банки да се интегрираат во европските платежни шеми во кои учествуваат давателите на платежни услуги од уште 40 земји – се наведува во соопштението.

Девет банки веќе се целосно подготвени да започнат со извршување на плаќањето во рамките на шемата за кредитни трансфери СЕПА, на почетокот од октомври 2025 година. Согласно со објавениот календар на Европскиот совет за плаќање, од 7 октомври 2025 година, плаќањето ќе биде овозможено преку НЛБ Банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје, Комерцијална банка АД Скопје, Шпаркасе банка АД Скопје, Халк банка АД Скопје, Прокредит банка АД Скопје, ТТК Банка АД Скопје, УНИ Банка АД Скопје и Централна кооперативна банка АД Скопје.

Од Народната банка велат дека другите три банки интензивно работат на интеграцијата во оваа шема на СЕПА и се очекува дека ќе завршат најдоцна до крајот на првиот квартал од 2026 година, согласно со рокот утврден со одлука на Народната банка.

Според објавените официјални тарифи на овие девет банки, плаќањето во евра со земјите од СЕПА е повеќекратно поевтино во споредба со постојното кореспондентно банкарство. Притоа, банките нудат пониски надоместоци за електронското плаќање во споредба со плаќањето на шалтерите.

Граѓаните ќе им плаќаат на банките во просек за шестпати помалку за електронско плаќање на износ од 500 ЕУР кон земјите од СЕПА, кое чини околу 260 МКД наспроти 1600 МКД колку што плаќаат во моментов преку кореспондентното банкарство. За приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА, граѓаните ќе плаќаат во просек двојно помалку, односно 140 МКД наспроти 280 МКД преку кореспондентното банкарство.

Трошоците на компаниите кон банките, исто така, значително се намалуваат. Така, за плаќање во евра кон земјите во СЕПА на износ од 20.000 ЕУР, компаниите ќе плаќаат во просек за осум пати помалку, односно надоместокот ќе изнесува околу 570 МКД наспроти 4.740 МКД преку кореспондентното банкарство. За приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА, компаниите ќе плаќаат во просек тројно помалку, односно околу 390 МКД наспроти 1.180 МКД преку кореспондентното банкарство.

Народната банка и Македонската банкарска асоцијација ги повикуваат граѓаните и компаниите да ги користат придобивките од подготвеноста на банките за извршување на плаќањето во СЕПА од 7 октомври, при што во интерес на ефикасноста, ги охрабруваат сѐ повеќе да ги користат дигиталните канали.

ИЗДВОЕНИ