– Преку ова дело, минатото и културното наследство во Смоквица се преточени во живо сведоштво, а личните имиња на населението се доживуваат како трајни чувари на македонската народна меморија во сопственото самопрепознавање – вели д-р Илија Велев, промотор на оваа научна книга, но и интимно доживеано издание

 

Магистер Киро Ристов ѝ подари на читателската јавност едно вистинско, колективно богатство – книгата „Поменик со личните имиња на населението од Смоквица“, значаен документ што ја оживува културната меморија на едно место и на неговите луѓе. Промоцијата на ова дело се одржа во рамките на програмата „Гевгелија – Град на културата за 2025 година“, во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија.

Потеклото и добивањето на името и презимето имаат повеќекратно значење, кое претставува индивидуална симболика и одраз на социјалниот карактер за припадноста на оној што ги носи. Значењето на името и презимето ги отсликува неговиот карактер, културниот и историскиот континуитет. Почетоците на овие вредности се тесно врзани за секоја генерација, правејќи ја неопходната разлика во наследниот карактер. Во такви услови, се роди и се разви сознанието за запишување на имињата, кое остави траен белег за наредните генерации, од што се изроди посебна наука – ономастика. Имајќи ја предвид оваа наука, авторот Киро Ристов ја напишал книгата „Поменик со личните имиња на населението од Смоквица“, во која го претставува богатиот фолклорен запис на личните имиња од населбата Смоквица.

Промотор на ова исклучително издание беше универзитетскиот професор, научен работник, книжевен творец, редовен професор и научен советник во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, д-р Илија Велев. Во своето исцрпно излагање, тој, меѓу другото, истакна дека идејата за подготовките, за стручното редактирање и за посебно објавување на изворниот ракописен материјал во двете ракописни книги од „Поменикот со личните имиња на населението од Смоквица“ била заедничка иницијатива со авторот Ристов, бидејќи тој сметал дека овие два зачувани писмени споменика заслужуваат факсимилно, транскрибирано и транслитерирано печатено издание во посебна книга.

Книгата „Поменик…“, истакна Велев, претставува значаен придонес кон изворното проучување на ономастичко-антропономастичкото и на културноисториското етнографско наследство на македонскиот народ. Содржинската основа на изданието го содржи изворното објавување на „Поменикот…“ со транскрибираните грчки и црковнословенски писма на двете зачувани книги на упокоените од Смоквица.

Најпрво била објавена првата книга со грчко писмо и на македонски народен јазик – „За умрените книга“, а по неа следувало објавувањето на втората – „Мртви имиња“ со црковнословенско писмо. Се работи за едно значајно архивско, лингвистичко, духовно, историографско, етнографско и културолошко издание.

Според Велев, станува збор за научна книга, но и интимно доживеано издание, бидејќи личните имиња се трајни чувари на македонската културна меморија, процес во кој авторот Ристов, преку ова дело, и самиот е инволвиран, вклучувајќи две книги со евиденција на имињата на починатите, една на свештеникот Христо Бундов од 1893 г. (составувач и на првата книга со смоквички имиња) и една на свештеникот Ристо Стојанов (1903–1912), кој пишувајќи со грчко и со словенско ракописно писмо, се надоврзал на делото на Бундов.

Поради грчкото фанариотско влијание, било присутно грчкото ракописно писмо, особено во првата од овие две книги. Во периодот од 1915 до 1932 г., пак, Христо Трајков пишувал именик со црковнословенско писмо. Методолошки успешното истражување се заокружува со ономастикон со табеларно запишани, транскрибирани имиња. Анотирани се и застапените имиња од првата и од втората книга, како и тоа колку пати се среќава запишано едно име во секоја од овие книги. Така, во првата табела се подредени по азбучен ред машките лица именувани со 90 различни имиња, кои имаат квантитативна фреквенција со 1.192 запишувања, додека во втората се подредени по азбучен ред женските имиња именувани со 103 различни имиња, а нивната квантитативна фреквенција во запишувањето изнесува 773 личности.

– Несомнено е дека книгата „Поменик со личните имиња на населението од Смоквица“ на м-р Киро Ристов претставува драгоцена изворна документација за македонската духовна и социјална култура, која во иднина ќе отвора нови предизвици за научно истражување од областа на ономастиката (антропономастиката), генеалогијата и на етнографијата во определен локален ареал. Станува збор за научно и за пошироко културолошко популарно дело, во кое истражувањето се премостило меѓу писмената архива и живата меморија. Преку него, минатото и културното наследство во Смоквица се преточени во живо сведоштво, а личните имиња на населението се доживуваат како трајни чувари на македонската народна меморија во сопственото самопрепознавање – истакна Велев на крајот.

На промоцијата, на присутните мошне емотивно им се обрати авторот на книгата, м-р Киро Ристов. Тој, откако им се заблагодари на сите оние што придонеле да биде објавена оваа книга, наведе дека една фотографија од 1909 година на која биле неговиот дедо, Кирил Ристов, и други членови на семејството, го инспирирала да се занимава со родословијата. Така, кога се запишал на Факултетот за археологија во 1977 година, започнал да се интересира за црквата „Свети Димитрија“ во своето родно место. Во 80-тите години на 20 век, првпат тој ги видел двата зачувани писмени артефакти, кога тогашните црковни служители Никола Бундов и Илија Картов му кажале дека во наосот на црквата има некои книшки што фаќаат прашина.

Киро Ристов (1957) е археолог, истражувач и културолог од Гевгелија, кој им ја посветил целата своја кариера на проучувањето и на заштитата на културното наследство. Овој комплетен археолог и историчар на македонската култура трајно ги завешта сопствените истражувања преку осум монографски изданија, 70-ина археолошки проекти, исто толку научни студии. Исто така, тој има учествувано на 30-ина меѓународни научни симпозиуми. Активно учествува на научни собири и симпозиуми, промовирајќи го културното наследство на Република Македонија. За својот придонес во археологијата и во културата, тој е добитник на повеќе признанија и на благодарници. (Љ. А.)

 

ИЗДВОЕНИ