„Помеѓу боговите“ на Вук Ршумовиќ, „Чувари на формулата“ на Драган Бјелогрлиќ, „Паноптикон“ на Ѓорѓи Сикарулиѕе… се дел од филмовите што ќе има можност да ги види публиката од 21 до 24 јануари, во Кинотеката на Македонија, како избрани содржини од фестивалот „Киненова“. Под мотото „Најдоброто од Киненова“, љубителите на филмската уметност ќе може да гледаат филмови што со ангажиран и аналитичен пристап отвораат културни и општествени прашања.
Во ова зимско издание на „Киненова“ ќе може да се видат и филмовите „Таква каква што сум“ на Даг Јохан Хаугеруд, кој годинава беше гостин на фестивалот, и „Татко“ на Срдан Голубовиќ, кој беше член на жирито на годинашното јубилејно издание на МФФ „Киненова“. Станува збор за филмови што биле наградени на овој фестивал, како и за многу други наслови.
Денес, на 21 јануари, публиката ќе има можност да проследи два филма. Од 18:00 часот е „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи (Македонија, Косово, Албанија), од 2021 г., а од 20:00 часот е филмот „Помеѓу боговите“ на Вук Ршумовиќ. Ова остварување зборува за млада Авганистанка што доаѓа во Белград во пикот на мигрантскиот бран. Нејзината борба започнува кога дознава дека се удавил нејзиниот помлад брат во реката таму и е решена да го погребе под неговото целосно име.
На 22 јануари (четврток) на програмата е „Таква каква што сум“ на Даг Јохан Хаугеруд (18:00 ч.). Дебитантскиот филм на Хаугеруд е топла и разиграна трагикомедија за луѓе што сите до еден имаат добри намери, но на крајот се повредуваат еден со друг. Таа вечер (20:00 ч.) е и филмот „Беше некогаш во Газа“ на Араб Насер и Тарзан Насер (Палестина, ОАЕ, Франција, Португалија). Дејството е случува во Газа, во 2007 г. Јахја, млад студент, се спријателува со Осама, харизматичен сопственик на ресторан со големо срце. Заедно, тие почнуваат да продаваат дрога додека доставуваат сендвичи со фалафел, но наскоро се принудени да се справат со корумпиран полицаец и со неговото преголемо его.
Во 22:00 часот е познатото остварување на Драган Бјелогрлиќ „Чувари на формулата“. Во октомври 1958 година, во екот на кризата од Студената војна, група комунистички научници од Институтот „Винча“ во Србија спроведуваат таен проект предводен од професорот Драгослав Поповиќ. Поради непредвидени околности, тие се изложуваат на смртоносна доза на радиоактивно зрачење, поради што југословенската тајна полиција ги носи на лекување во клиниката „Кири“ во Париз. Францускиот медицински тим предводен од професорот Жорж Мате заклучува дека е критична нивната состојба. Иако ѝ го има посветено целиот свој живот на борбата против нуклеарното оружје и длабоко го презира проектот на кој работеле југословенските научници, тој предлага првпат во историјата на нив да се спроведе неизвесна интервенција за замена на коскената срцевина.
„Татко“ на Срдан Голубовиќ e на 23 јануари, во 18:00 ч. Се работи за потресна сторија за еден работник што е принуден да се откаже од своите деца по одлуката на социјалната служба. Наскоро тој тргнува на едно мачно патешествие низ Србија за повторно да го стекне правото на старателство врз своите две деца.
Во 20:30 часот е „Изгубениот сон на тимот од соништата“ на Јуре Павловиќ – приказна за југословенската кошаркарска репрезентација што го освои златниот медал на Европското првенство во 1991 година. Легендарните кошаркари стоеја на подиумот и гледаа како се крева знамето на Југославија – направија сè за слава на земјата што, всушност, престана да постои три дена претходно.
Последниот ден, на 24 јануари, ќе биде прикажан филмот „Среќен“ на Сандеп Кумар. Дејството се случува во Австрија и раскажува приказна за непријавен индиски мигрант, кој се бори со последиците од известувањето за депортација за да пронајде среќа во животот за себе и за својата ќерка.
„Најдоброто од Киненова“ завршува со „Паноптикон“ на Ѓорѓи Сикарулиѕе, кој го доби гран-прито на МФФ „Киненова“ 2025 за најдобар филм на фестивалот.
Откако го напушта татко му за да стане православен монах, Сандро се бори да ги усогласи својата должност кон Бога и својата разбудена сексуалност, што се манифестира на неконтролирани начини и го води кон сомнително однесување, додека ги бара смислата и припадноста во турбулентното општество на постсоветска Грузија.












