вторник, февруари 24, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Помалку продажба во кеш без фискални ако се подигне прагот на ДДВ?! 

Помалку продажба во кеш без фискални ако се подигне прагот на ДДВ?! 

Повисокиот праг на ДДВ ќе ги намали сивата економија и административниот товар за малите бизниси и ќе им даде повеќе простор за пораст без дополнителни обврски. На овој начин, на малите бизниси, регистрираните земјоделци и на самостојните вршители на дејност ќе им биде олеснето работењето и ќе им биде зголемена ликвидноста. Од друга страна, државата нема да има никакви даночни импликации, бидејќи подигнувањето на прагот нема да се одрази врз буџетот, а ќе го стави во систем прометот што го остваруваат над тие 2 милиони денари

249

Во јавноста сè уште се води дебата за потребата од подигнување на прагот за регистрација на ДДВ, кој во моментов изнесува 2 милиони денари. Многу економисти и сметководители се изјаснија дека оваа мерка е клучна за поддршка на микрокомпаниите и на малите претпријатија и оти на овој начин ќе се намали сивата економија бидејќи поголемиот промет кој ќе го прават овие компании ќе влезе во системот. Освен тоа, тие укажуваат на фактот дека Македонија има највисок праг за регистрација за ДДВ во земјава кој започнува при годишен промет од околу 32.000 евра. За споредба, прагот во Србија изнесува околу 65.000 евра, во Хрватска и Словенија по 60.000 евра, а во Албанија околу 80.000 евра, во Црна Гора 50 илјади евра.

Во Македонија, микрокомпаниите учествуваат со околу 90,4  отсто, а малите со 7,4 отсто од вкупниот број фирми, што значи дека преку 97 отсто од сите претпријатија припаѓаат на оваа категорија.

– Нашата економија е заснована на микрокомпании и на мали фирми и со подигнување на прагот на ДДВ, на овие компании кои се најизложени на административни и на финансиски притисоци, ќе им се намалат трошоците. На малите бизниси ќе им се даде повеќе простор за пораст без дополнителни обврски, односно ќе се спасат од административни трошоци и нема да губат време на бирократија. Истовремено ќе се намали административната работа во УЈП, бидејќи станува збор за голем број мали бизниси, изјави за весникот ВЕЧЕР Драган Митковски, претседател на Комора на сметководители на Македонија.

Тој вели дека во Македонија, прагот за регистрација за ДДВ во земјава започнува со годишен промет од 3 милиони, па се намали на 2 милиони, но и тој е висок со оглед на тоа дека сите земји од регионот има понизок праг за регистрација на ДДВ. Овие бројки, како што истакнува, покажуваат дека во поголем дел од регионот и ЕУ прагот е значително повисок, што им дава повеќе простор на малите бизниси за пораст без дополнителни обврски.

– На овој начин, малите бизниси, регистрираните земјоделци и самостојните вршители на дејност ќе им биде олеснето работењето и ќе им биде зголемена ликвидноста. Од друга страна, државата нема да има никакви даночни импликации, бидејќи подигнувањето на прагот нема да се одрази врз буџетот, а ќе го стави во систем прометот што го остваруваат над тие 2 милиони денари. Така што малите трговци ќе може да се фокусираат на работата и да прават поголем промет кој ќе влезе во системот, појаснува Митковски.

Пратеникот Миле Цеков од пратеничката група на Движењето ЗНАМ – за Наша Македонија, кој беше еден од предлагачите на измените на Законот за додадена вредност со кои се предвидува зголемување на прагот за регистрација за ДДВ за регистрирани индивидуални земјоделци од 2 на 4 милиони денари, вели дека оваа промена е одговор на зголемената инфлација и на зголемените трошоци во земјоделството.

– Поради зголемените трошоци за производство, регистрираните земјоделци го достигнуваат прагот уште во првите 4 месеци од годината, а потоа продаваат на рака, односно во кеш или преку сметки на други лица. Со ова практично ја поттикнуваат сивата економија бидејќи ако го надминат прагот од 2 милиони денари тие би морале да станат даночни обврзници или правни субјекти, а со тоа ќе имаат поголеми трошоци за сметководство, пријави, завршни сметки и други дополнителни трошоци. На овој начин, дел од овој промет ќе влезе во системот, односно во формалната економија, изјави Цеков за ВЕЧЕР.

И поранешниот министер за економија, Кирил Миновски, смета дека со подигнување на прагот на ДДВ ќе добие и државата. Преку пораст на платите, инвестициите и потрошувачката, државата индиректно би наплатила повеќе преку социјални придонеси, персонален данок и зголемен промет. Дополнително, повисокиот праг би го намалил даночното затајување, вештачкото делење фирми и прикривањето на промет, а со воведувањето на е-фактурите, како што наведува, полесно би се откривале неправилностите.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ