Според војската, Палестинците ја преминале таканаречената жолта линија до која се повлекла војската, како дел од договорот за прекин на огнот. Израелската армија вели дека се обидела да ги избрка и дека, откако група Палестинци го игнорирале тоа, отворила оган за да „ја отстрани заканата“. Извори блиски до Хамас изјавија дека се потребни дополнителна опрема и време за да се извлечат телата од тешко оштетениот Појас Газа, но неколку израелски медиуми објавија дека Израел се сомнева дека се држат телата како еден вид поттик за понатамошни преговори
По потпишување на договорот за прекин на огнот во Газа и по изјавата на американскиот претседател, Доналд Трамп, дека завршила војната, убивањето продолжува. Само еден ден по ставањето потписи на мировниот договор, се случи сериозен инцидент кога израелската армија отвори оган и уби петмина Палестинци во градот Газа.
Израелската војска (ИДФ) објави дека петтемина Палестинци се убиени откако се приближиле до израелските сили во источниот дел од населбата Шејаија во градот Газа. Според војската, тие ја преминале таканаречената жолта линија до која се повлекла војската, како дел од договорот за прекин на огнот. Израелската армија вели дека се обидела да ги избрка и дека, откако група Палестинци го игнорирале тоа, отворила оган за да „ја отстрани заканата“. Армијата ги негираше извештаите дека осомничените или други вооружени лица успеале да го пробијат воениот камп во областа.
– ИДФ ги повикува жителите на Газа да ги почитуваат упатствата и да не им се приближуваат на војниците распоредени во областа – додаде армијата.
И во Израел стивна еуфоријата што ја предизвика ослободувањето на сите 20-мина преживеани заложници од Газа. Израелците сега се фрустрирани и гневни зашто Хамас врати само неколку тела на починати заложници. Има вкупно 28 мртви заложници, а во Израел пристигнаа само четири ковчези. Хамас не ги врати телата на 24 заложници, чии слики и имиња беа објавени од „Тајмс оф Израел“. Се очекуваше дека оваа исламистичка група што ги држеше заложниците, можеби, нема да може веднаш да ги врати сите 28 мртви во понеделникот, како што е предвидено со договорот, но израелските владини претставници беа „шокирани и фрустрирани“ откако беа испратени само четири ковчези, објави новинскиот портал ynet. Меѓународниот комитет на Црвениот крст објави дека ќе посредува во враќањето на посмртните останки, предупредувајќи во исто време дека тоа е „тежок потфат“. Извори блиски до Хамас изјавија дека се потребни дополнителна опрема и време за да се извлечат телата од тешко оштетениот Појас Газа, но, како што пренесува Индекс.хр, израелските власти не веруваат во тврдењата на Хамас дека не може да ги лоцираат или вратат телата. Неколку израелски медиуми објавија дека Израел се сомнева дека групата ги држи телата како еден вид поттик за понатамошни преговори.
Израелската армија (ИДФ) потврди дека телата на четворицата заложници вратени во Израел од Хамас во понеделникот вечерта се идентификувани, а семејствата се известени. Армијата го повтори своето барање Хамас да го почитува договорот и да ги предаде телата на сите мртви заложници. Министерот за одбрана, Израел Кац, во понеделникот го обвини Хамас за кршење на договорот за прекин на огнот и предупреди за неодредени последици. Тој истакна дека Израел го исполнил својот дел од договорот со ослободување на речиси 2.000 притворени Палестинци.
Ужалените членови на семејствата на починатите заложници ја критикуваат израелската Влада, нарекувајќи го предавство начинот на кој се водени преговорите. Форумот за заложници и исчезнати семејства повика на „итно суспендирање“ на договорот со Хамас сè додека не биде вратен секој починат заложник од Газа. Според договорот за прекин на огнот во Газа, сите заложници, живи и мртви, требаше да бидат предадени во понеделникот.
Договорот за прекин на огнот во Газа беше потпишан во понеделникот попладне, со посредство на американскиот претседател, Доналд Трамп, кој посредуваше и за ослободувањето на заложниците меѓу Израел и Хамас. Но, ако сака да го зацврсти тој мир, велат аналитичари и дипломати за „Ројтерс“, Трамп ќе мора да одржува притисок врз човекот чија поддршка ќе му биде потребна во следните фази на неговиот план: израелскиот премиер, Бенџамин Нетанјаху.
При потпишувањето на договорот во египетското одморалиште Шарм ел Шеик, во понеделникот, Трамп изјави дека „војната во Газа е завршена“ и дека хуманитарната помош веќе пристигнува во големи количини, вклучувајќи стотици камиони со храна, медицинска опрема и со други потребни материјали.
– Цивилите се враќаат во своите домови, заложниците се обединуваат со своите семејства. Светнува ново и убаво утро. Сега започнува фазата на реконструкција, можеби најтешката досега – рече Трамп.