Македонските компании, особено оние од мали до микро, многу малку вложуваат во искористување на обновливи извори на енергија, покажала анализата на Бизнис-конфедерацијата на Македонија. Претседателот на БКМ, Миле Бошков, смета дека треба да се поттикнат јавноста, бизнис-заедницата, креаторите на политики за вложување, како и во изнаоѓање помош, поддршка и олеснување во однос на намалувањето на штетните гасови во животната средина. Тој смета дека за поголема реализација на вакви инвестиции треба да се вклучат повеќе чинители, ставајќи акцент врз банките во пласирањето на зелени поволни кредити

 

Македонските компании, особено оние од мали до микрокомпании, многу малку вложуваат во искористување на обновливи извори на енергија, покажала анализата на Бизнис-конфедерацијата на Македонија (БКМ), која е направена со поддршка на Меѓународната организација на трудот. Миле Бошков, претседател на БКФ, пред да ги соопшти наодите од истражувањето за најважните и клучните акции за бизнисот во транзиција кон намалување на негативниот ефект врз животната средина, рече дека целта е да се има реална слика колку овие компании се подготвени да инвестираат во сончева енергија која најмногу ја имаме во летниот период, и дека таа инвестиција потоа ќе им донесе корист.

– Очекуваме со анализата да ги поттикнеме и јавноста и бизнис-заедницата, и нормално, креаторите на политиките за поттикнување и вложување, како и во  изнаоѓање помош, поддршка и олеснување во однос на намалувањето на штетните гасови во животната средина – изјави Бошков.

Тој смета дека за поголема реализација на вакви инвестиции треба да се вклучат повеќе чинители, ставајќи акцент врз банките во пласирањето на зелени поволни кредити.

– Освен системот за усогласување со животната средина, со доброто владеење и со социјалните политики, фокусот треба да се стави на финансирање на инвестиции во зелената енергија и Парискиот договор. Исто така, компаниите ќе мора да размислуваат и да го подигнат својот глас за да можат да бидат слушнати и да ги покажат својот капацитет и својата иницијатива и волја за да можат да бидат вклучени и да придонесат кон намалување на штетните гасови во животната средина – нагласи Бошков.

Според него, поради недостаток на мериторни податоци, ниту владата ниту бизнисот не знаат колкав е јаглеродниот отпечаток на ниво на држава.

– Ако македонскиот извоз го мериме во бројки и користиме податоци колку е искористена енергија од фосилни горива, ќе добиеме математика колкав е нашиот трошок и колку можеме да заштедиме во пари, за да можеме да знаеме колку е подобро да се инвестира, отколку да се плаќа казна или надомест. Затоа, анализата може да ни помогне и да ни даде насока и пари што ни се потребни – рече Бошков и нагласи дека во државава ни недостасува фонд за да ги собираме тие пари, но и законска регулатива, за да може да се има основа компаниите да измерат што добиваат, а што пропуштаат.

Земјоделството, нагласи, како глобално, така и кај нас, е еден од главните чинители во негативниот придонес во загадување на животната средина и учествува со повеќе од 30 проценти.

– Ова е порака и до Министерството за земјоделство дека вложувањето, олеснувањата и поттикнувањата на акции во земјоделството, како еден од загадувачите, треба да биде на повисоко ниво и треба да биде вклучено и во сите наши стратегии и развојни агенди – рече Бошков.

Тој посочи дека во државава постојат позитивни примери и компании од текстилната индустрија, градежништвото, металната индустрија, прехранбената, градежната, металургијата… што имаат доста вложено во искористување на енергија од обновливи извори.

– За капацитетите на македонските компании, за жал, е точно, меѓутоа недостатокот на капацитети во јавниот сектор и во спроведувањето на одредени анализи, закони и мерки, треба да се зајакне. Сметаме дека во следниот период со повеќе заеднички акции ќе треба ова што го споменавме да биде на првата агенда и една од првите стратегиски мерки на државата и целото општество за да можеме да почнеме да мериме тоа што не знаеме колку ни влијае. Исто така, ќе мораме да се вклучиме во глобалните текови во намалувањето на негативните ефекти врз животната средина – изјави Бошков.

Новата такса за емисија на јаглероден диоксид што Европската Унија требаше да ја воведе од 1 јануари 2026 година за македонските компании, ќе имаше директно влијание врз крајната цена на македонските извозни производи. Од Македонската асоцијација на метална индустрија (МАМЕИ) неодамна предупредија дека компаниите веќе активно се подготвуваат за новиот режим, но нагласуваат дека за конкурентно приспособување ќе бидат неопходни поволни зелени кредити.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ