Полскиот претседател: Ќе се браниме, народот нема да стравува од руските дронови

15
screenshot UN

Полскиот претседател Карол Навроцки, во својата синоќешна изјава на отворањето на дебатата на Генералното собрание на ОН, истакна дека неговата држава е подготвена да “ја брани својата територија” по скорешните навлегувања на руски беспилотни летала во воздушниот простор на земјите членки на НАТО и ЕУ.

“Полска секогаш ќе одговори соодветно и е спремна да ја заштити својата територија (. . .). Полскиот народ и државите од Централна и Источна Европа нема да стравуваат од руски беспилотни летала”, увери Навроцки во своето обраќање во ОН во Њујорк.

“Не дозволуваме сурови провокативни дејствија на Москва против нас и другите држави, кои ги тестираат нашите реакции и ги заплашуваат нашите општества”, дополни полскиот претседател.

Во период пократок од две седмици, Русија го прекрши воздушниот простор на Полска, Романија и Естонија со своите беспилотни летала и воени авиони.

Москва го отфрли ова и ги обвини членките на ЕУ и НАТО за невистинити тврдења.

Шефовите на дипломатиите на групата Г7 (САД, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија) се сретнаа вчера на маргините на Генералното собрание на ОН и во заедничко соопштение ги осудија руските навлегувања на териториите на членките на НАТО како “неприфатливи”, потенцирајќи дека Москва “ја загрозува меѓународната безбедност”.

ИЗДВОЕНИ