Полска ќе соборува сè што ќе го нарушува нејзиниот воздушен простор, порача полскиот премиер, Доналд Туск, a шведскиот министер за одбрана, Пал Јонсон, изјави дека и Шведска ќе употреби сила доколку биде потребно. Овие остри предупредувања доаѓаат поради сè почестите повреди на воздушниот простор на земјите членки на НАТО од страна на Русија.
Минатиот петок, три руски борбени авиони „миг-31“ влегоа во естонскиот воздушен простор и останаа таму најмалку дванаесет минути. Неколку дена претходно, Полска и Романија, исто така, мораа да реагираат на руски дронови што се приближуваа кон нивната територија.
– Ќе ги собориме сите летала што ќе ја нарушат нашaтa територијa и што ќе прелетаат над Полска. Нема апсолутно никаква дилема за тоа – изјави Туск.
Тој, сепак, предупреди дека ваквите чекори секогаш носат ризик од ескалација на конфликтот.
– Ниту една држава нема право да го нарушува шведскиот воздушен простор. Шведска има право да го брани, со сила ако е потребно, и ќе го направи тоа – изјави Јонсон, кој потврди дека вооружените сили имаат јасни упатства за вакви ситуации.
Тој додаде дека е клучно сите членки на НАТО да постапуваат идентично за да се избегне недоразбирање или раздор меѓу нив.
Реагираше и британската министерка за надворешни работи, Ивет Купер, која истакна дека Обединетото Кралство и НАТО се подготвени за директна воена конфронтација доколку навлезат руските авиони или дронови во воздушниот простор на Алијансата.