Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Полска, Радослав Сикорски, денес изјави дека создавањето федерална армија на Европската Унија е „нереално“, но дека може да се формира „европска легија“ – единица со големина на бригада, финансирана од буџетот на ЕУ, до која би можеле да пристапат граѓани на земјите-членки, па дури и на земјите-кандидатки.
„Зборувањето за федерална армија е бесмислено, бидејќи националните армии нема да се спојат. Сепак, би можеле да создадеме она што јас го нарекувам Европска легија“, изјави Сикорски за новинарите во Брисел, додавајќи дека легијата би била способна да одговори на помали закани, како што се оние во Северна Африка или на Балканот, пренесува ПАП.
Сикорски изјави дека постојните борбени групи на ЕУ никогаш не биле користени поради структурни ограничувања и дека влошената меѓународна безбедносна ситуација ја прави идејата „поитна“.












