Полска до своите граѓани: Итно да ја напуштат Белорусија, и тоа на било каков начин

81

Полската амбасада во Минск упати драматичен апел до своите граѓани во Белорусија веднаш да ја напуштат земјата користејќи ги сите расположиви комерцијални и приватни средства.

Дипломатите издадоа предупредување поради можно затворање на границите и „други непредвидени околности“, објави полскиот портал warszawawpigulce.pl

„На граѓаните на Република Полска кои остануваат на територијата на Република Белорусија им се препорачува да ја напуштат нејзината територија со достапни комерцијални и приватни средства“, се вели во официјалното соопштение објавено на веб-страницата на владата.

Апелот доаѓа само еден ден откако полско-белоруската граница беше повторно отворена за сообраќај по речиси две недели затворање. Иако границата е отворена од четвртокот, полските власти, вклучувајќи го и премиерот Доналд Туск, предупредија дека таа може повторно да се затвори доколку ситуацијата ескалира.

Алармантната изјава на амбасадата е директна последица на напнатите настани од последните недели. Министерството за надворешни работи веќе го издаде своето прво предупредување на 5 септември откако белорускиот КГБ го уапси полскиот монах Гжегож Гавло, кого режимот на Александар Лукашенко го обвинува за шпионажа.

27-годишниот кармелит од Краков беше уапсен во градот Лепел под обвинение за собирање информации за руско-белоруските воени вежби „Запад-2025“. Белоруската пропаганда тврди дека кај него е пронајден „таен воен документ“, тврдење што полската влада категорично го отфрла како провокација.

„Полските специјални служби не користат монаси за собирање информации за воени маневри“, нагласи Јацек Добжински, портпарол на координаторот на специјалните служби, додека премиерот Туск најави „одмазднички мерки“ против Белорусија.

Апсењето на монахот Гавл е само најновото во низата инциденти насочени кон полските граѓани. Белоруските организации за човекови права веќе го прогласија за политички затвореник.

Тој е едно од 15-те лица неодамна додадени на списокот на политички затвореници, чиј вкупен број во Белорусија, според организацијата „Вијасна“, моментално изнесува 1.193. Кармелитскиот ред издаде соопштение во кое бара молитви за притворениот брат: „Со жалење ве известуваме дека нашиот брат Гжегож Гавл О.Карм е уапсен во Белорусија“.

Тензиите дополнително се засилија со неодамнешните руско-белоруски воени вежби „Запад-2025“, кои се одржаа од 12 до 16 септември и беа првите вакви вежби од почетокот на војната во Украина.

Иако беше објавено официјално учество на околу 13 илјади војници, германски воени извори проценуваат дека вистинскиот број би можел да достигне и до 30 илјади. Токму поради „зголемениот број провокации“ Полска привремено ја затвори границата на 12 септември.

 

 

ИЗДВОЕНИ