Стапија во сила изменетите правила за увоз на возила кои носат вистинска револуција за сите граѓани и компании што сакаат да внесат автомобил од странство. Со новиот Правилник, сите возила кои имаат европско или македонско одобрение веќе нема да поминуваат долги и комплицирани постапки за единечно одобрување. Вакво одобрување ќе биде потребно само за возила без претходно издадено национално или европско одобрение, а за нивната проверка ќе се грижи Бирото за метрологија. Роковите за одобрување се преполовени, ќе се врши само проверка на техничката исправност и идентификација, што значи двојно побрзо завршување на целата процедура.
Увозниците на половните автомобили кои ги контактираше весникот ВЕЧЕР велат дека ќе се скратат процедурите за увоз, но трошоците нема да се намалат, напротив за 20 до 30 евра ќе се зголеми трошокот за хомологација.
– Сега ќе биде поскапо за нови модели кои ги нема на пазарот во Македонија. Документот во кои стојат податоците за возилото и кои ние ќе треба да го добиеме директно од импортерот ќе биде поскап за 20 до 30 евра. Така на пример, ако досега тој документ сме го плаќале 100 евра, сега ќе го плаќаме 120 или 130 евра во зависност од тоа колку ќе ви го продаде импортерот на тој тип возило. Значи само се забрзува постапката за вадење документи, а цената на возилата ќе остане иста. Ќе поскапи само хомологацијата за 20 до 30 евра, а тој трошок ќе падне врз грбот на увозниците на половни автомобили, но нема да влијае врз крајната цена на автомобилот, вели за весникот ВЕЧЕР сопственик на автоплац за половни автомобили.
Познавачите на состојбите на пазарот велат дека импортерите повеќе нема да плаќаат за скапи потврди од странство, туку целиот процес ќе се одвива кај домашните овластени застапници кои ќе ги издаваат потврдите за техничка усогласеност на возилата. Цената ќе биде меѓу 40 и 50 евра, наместо двојно или тројно повеќе, како што често се случувало досега.
Увозниците на автомобили велат дека новиот Правилник нема да влијае на цените ниту на новите, ниту на половните автомобили.
– Промената се однесува повеќе на увозниците на половни автомобили бидејќи TÜV-потврдите наместо од странство сега ќе ги земаат од импортерите. Додека ние, како и досега, ќе ги добиваме од производителите. Ние и досега работевме според европски стандарди, односно како увозници моравме да ги почитуваме европските правила, изјавија за весникот ВЕЧЕР од една компанија која увезува нови автомобили.
Увозниците на половни автомобили велат дека овој документ не игра голема улога врз цената на возилото, туку царината, ДДВ, акцизата… Овие давачки за возило кое чини 20.000 евра се движат од 3.000 до 5.000 евра.
Доколку има промена на цената на половните возила, тоа нема да биде поради промената на правилникот за увоз, туку поради големиот број половни автомобили.
– Во државата има голем број автоплацови кои се полни со половни возила. Така што нормално е кога има поголема понуда цената да паѓа. Исто така, врз цената на половните возила влијае и побарувачката која последниве години е многу опадната поради намалената куповна моќ на граѓаните, велат од еден автоплац за половни возила.
Примената на новиот Правилник не е само административно олеснување најголемата предност е финансиската – наместо околу 1,3 милиони евра годишно кои досега завршуваа кај странски компании за TÜV потврди, сега тие пари ќе останат во Македонија. Потврдите ќе ги издаваат домашни овластени застапници, по цена од само 40 до 50 евра, што е значително пониско од досегашните трошоци.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини нагласува дека конечно, по 17 години, Законот за возила почнува целосно да се применува во согласност со европските стандарди – олеснувајќи ја процедурата, намалувајќи ги цените и заштедувајќи им пари на сите граѓани.
(А.С.)