Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ известуваат дека в сабота почнувајќи од полноќ, планирани се активности за изведба на главен водоводен приклучок и монтажа на игличест регулационен вентил, за што е изготвен план со кој се предвидува прецизна постапка за брзо и ефикасно завршување на ваквиот потфат. Поради тоа, со делумен прекин на водоснабдувањето ќе бидат населените места: Визбегово, булевар „Босна и Херцеговина“, Чаир,Топанско Поле, Автокоманда- високата зона, Железара и Бутел 1.
Од ЈП „Водовод и канализација“ нагалсуваат дека се очекува оваа акција да заврши за помалку од 15 часа во кои најмногу часови се одвојува за празнење и полнење на магистрален цевковод.
-Главна цел на овој Оперативен план е подобрување на водоснабдувањето и притисокот на водата, како и намлување на загубите на вода. Со реализација на овој проект ќе се подобрат хидрауличките услови во водоводната мрежа, со монтирање на игличест регулационен вентил во ново изведената мерно регулациона шахта со пропратна хидротехничка опрема, како и поврзување на постоечкиот магистрален цевковод ф 1.600 милиметри кај Железара, со постоечкиот магистрален цевковод ф 700 милиметри на булеварот „Александар Македонски“ кој се напојува од градскиот магистрален цевковод ф 1.600 милиметри, преку новопредвидениот магистрален цевковод ф 700 милиметри, кој ќе биде поставен по должината на новопредвидениот булевар „Хрватска“. Со ваквото поврзување ќе се создадат услови за формирање на циркуларен прстен за поврзување на двата маистрални цевководи во градот Скопје – соопштија од претпријатието.
Согласно Оперативниот план за реализација на активностите, ЈП „Водовод и канализација“ превзема бројни оперативни активности за подготовка на луѓе, механизација, алат и пумпи.
Во процесот на активности, првично се направи проверка за исправноста на воздушните вентили, испусти и хидранти поставени по должина на магистралниот цевковод ф 1.600 милиметри. По утврдување на состојбата и констатирање на нивната исправност Секторот – Водовод, со тим од осум екипи, носители на работата, ќе обезбеди сигурно празнење и полнење на системот со вода.