Компаниите што во 2023 година уплатија средства во буџетот по основ на Законот за данок на солидарност, во март оваа година ќе добијат половина од уплатените средства, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
– Во август 2025 година, Владата нè задолжи, како Министерство за финансии, да испратиме официјални дописи до сите 156 компании, со барање да се произнесат за моделот на враќање на средствата. Нашиот предлог беше да се реализира враќањето на две рати: првата во март 2026 година, а втората во март 2027 година, предлог што го прифатија најголем дел од компаниите – рече министерката за финансии.
Таа појасни дека неслучајно е избран март за да се реализира процесот на враќање, бидејќи во тој период се поднесуваат завршните сметки и се плаќа данокот на добивка, а со оглед на тоа што данокот на солидарност е сличен по својата природа, целта беше да се совпадне периодот, со можност компаниите да извршат пребивање на обврските.
Наведе дека е донесена одлука за подготвување измени и дополнување на правилникот за формата и содржината на образецот за барање за враќање на повеќе или погрешно наплатен данок, заедно со упатството за пополнување и дека е веќе донесен тој и објавен во „Службен весник“, по што компаниите можат да поднесуваат барања до Управата за јавни приходи.
Министерката, потсетувајќи дека е донесен Законот во 2023 година и дека на 5 февруари 2025 година Уставниот суд го поништил, рече дека се создала ситуација во која преку неуставен закон се собрале средства, средствата се потрошени, а денес оваа Влада ги враќа.
– Факт е дека беа собрани 3 милијарди денари од приватниот сектор со Закон за кој се знаеше дека ќе падне. Факт е дека беа потрошени тие средства, оставајќи сериозни обврски што ги сервисира оваа Влада денес. Очигледно беше дека знаеле предлагачите дека ќе ги загубат изборите во 2024 година и дека ќе треба некој друг да се грижи за враќањето на средствата – рече министерката и потенцираше дека оваа Влада во ниту еден момент не донела ад хок одлука, одлука недоговорена со приватниот сектор, ниту, пак, донела мерка што дополнително ќе ги оптовари компаниите и граѓаните.












