Речиси половина од Европејците го гледаат американскиот претседател Доналд Трамп како „непријател на Европа“, значително повеќе од нив проценуваат дека ризикот од војна со Русија е висок, а повеќе од две третини веруваат дека нивната земја нема да може да се одбрани во случај на таков конфликт, според анкета спроведена во девет европски земји за париската платформа за дебата за европски прашања, Gran Continent.
Анкетата покажа дека речиси три четвртини од испитаниците сакаат нивната земја да остане во ЕУ, додека речиси ист процент веруваат дека напуштањето на Европската Унија ѝ наштетило на Велика Британија, објавува Гардијан.
Жан-Ив Дормажан, професор по политички науки и основач на агенцијата за истражување на јавното мислење Kluste17, рече дека Европа не само што се соочува со растечки ризици, туку и минува низ трансформација на својата историска, геополитичка и политичка средина.
„Целокупната слика (на анкетата) покажува Европа која е загрижена, длабоко свесна за своите ранливости и на која ѝ е тешко да се проектира позитивно во иднината“, нагласи тој.
Според анкетата, во просек 48 проценти од луѓето во девет земји го сметаат Трамп за отворен противник – од 62 проценти во Белгија и 57 проценти во Франција до 37 проценти во Хрватска и 19 проценти во Полска.
„Низ целиот континент, „трампизмот“ јасно се смета за непријателска сила“, рече Дормајан, додавајќи дека овој став се зајакнува, бидејќи помалку луѓе отколку во декември 2024 година го опишале Трамп како „ни пријател ни непријател“, а повеќе како експлицитно непријателски.
Сепак, Европејците сè уште го сметаат односот со Соединетите Американски Држави за стратешки важен: кога биле прашани каков став треба да заземе ЕУ кон американската влада, најпопуларната опција – 48 проценти – била компромис.
Анкетата, спроведена во Франција, Италија, Шпанија, Германија, Полска, Португалија, Хрватска, Белгија и Холандија, исто така покажа дека релативно мнозинство – 51 процент – верува дека ризикот од отворена војна со Русија во наредните години е висок, додека 18 проценти го оценуваат како многу висок.












